Во просториите на Касарна Хаб во Охрид синоќа беше отворена изложбата на победничките фотографии од глобалниот конкурс „Вода=живот“ организиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.
Изложбата е дел од програмата за одбележување на триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Холандија.
Фотографијата на македонскиот фотограф Томислав Георгиев, на која е прикажан човек кој ги чисти водите на реката Црни Дрим, ја доби главната награда во конкуренција на 147 фотографи од целиот свет.
„За мене е престиж и императив да добијам една ваква награда. Сликата не е специјално фотографирана за овај конкурс, туку е од мојата архива. Го прочитав повикот и конкурирав со две фотографии. На победничката фотографија се гледа целиот немир на природата, на водата. Човекот пробува да ги скроти, во овој случај да го исчисти Црн Дрим“, рече Георгиев.
Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп кажа дека Охрид е привлечно место за холандските туристи оти тука се среќаваат двете култури.
„Во оваа посебна година кога одбележуваме 30 години дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Холандија, големо е задоволството да го прославиме нашиот јубилеј овде во Охрид, местото каде што нашите две култури најчесто се среќаваат и учат една за друга. Холандските туристи го открија Охрид во шеесетите и седумдесетите години на минатиот век благодарение на книгите на А. Ден Долард и постојано се враќаат, сега со своите деца и внуци. Првите групи дојдоа овде за да ги видат магичните места што холандскиот писател ги опишува во своите книги, од кои некои сè уште постојат“, рече амбасадорот Дирк Јан Коп.
Дирк Јан Коп потенцира дека Холандија продолжува да биде еден од најлојалните, најпосветените и најангажираните пријатели на Македонија во решавањето на глобалните и локалните предизвици. Според него брзиот развој на градежништвото го загрозува природното и културното наследство, две од најголемите добра на државата.
„Некоординираниот и незаконски урбан развој, зголемената популација и несоодветниот третман на отпадните води и цврстиот отпад УНЕСКО ги наведува како главни закани за регионот на Охридското Езеро, област заштитена од оваа меѓународна организација. Во борбата со овие закани потребен е заеднички пристап на владата, граѓанското општество, бизнисот и граѓаните“, истакна Јан Коп.
Извор: Охриднет