Најмладата публика на „Охридско лето“ вчеравечер пееше и се забавуваше на Долни Сарај со музичко-сценскиот перформанс „Немаме резервна планета“ на 5+ Бендот и јунаците од 5+ Фамилија.
Овој настан во продукција на ОХО беше режиран од Сандра Ѓоргиева.
По повод јубилејот на образовно – забавната платформа 5+, која цели 15 години успешно ги едуцира и забавува не само децата, туку и родителите, и тоа на македонски и на албански јазик, 5+ БЕНД и 5+ ФАМИЛИЈА подготвија ново музичко-сценско доживување, овојпат навраќајќи се на една од основните вредности на платформата, здравата и чиста животна средина и заштита на планетата Земја – велат од ОХО Продукција.
Јунаците од 5+ Бенд и 5+Фамилија го наполнија гледалиштето на Долни Сарај со најмладата публика која не ја криеше возбудата од средбата со омилените ликови во живо.
Не ни очекувам да биде поинаку, туку секогаш очекувам да има се побројна публика затоа што навистина целата продукција 5+ е еден многу голем бренд којшто станува се попрепознатлив и со новите содржини и со новите концепти коишто се воведуваат – изјави актерот Зоран Љутков кој е дел од 5+ Фамилијата.
5+ Бенд и јунаците од 5+ Фамилија, преку нивниот музичко-сценски перформанс „Немаме резервна планета“ со утврдена и проверена методологија на комбинирање едукација со игра, карактеристичен за 5+ и внимателно развиван низ долгогодишната работа со детската публика, на децата и нивните родители им пренесоа неколку важни и итни пораки околу развивањето на свеста за здрава животна средина, човечкото влијание врз нејзиното зачувување и уништување, позитивни примери во борбата за климатските промени и потсетија дека немаме резервна планета и дека наша одговорност е оваа во која постоиме да ја зачуваме.