Skip to main content

Најновите изданија промовирани на Прличевите беседи достапни за читателите

Годинашното издание на манифестацијата „Прличеви беседи“ организирана од институциите чиј патрон е познатиот поет и преродбеник Григор Прличев и координирана од Општина Охрид помина во знакот на три промоции на книги.

 |  Голабовски Крсте  | 

Годинашното издание на манифестацијата „Прличеви беседи“ организирана од институциите чиј патрон е познатиот поет и преродбеник Григор Прличев и координирана од Општина Охрид помина во знакот на три промоции на книги.

Од денеска на пултот за издавање во НУ Библиотека „Григор Прличев“ можете да ги зајмите и следниве наслови: „Прличеви беседи ( 1952 – 2022) хроника на еден културен настан од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска, „Охридски раскажувачи“ приредена од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски и најновата наградена поема „Цветко“ од поетот Трајче Кацаров.

Монографијата „Прличеви беседи“ е во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и во воведот авторите Јованоски и Змејковска велат: -Ние како автори продолживме, таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична НУ Библиотека која со гордост го носи името на својот Патрон – Прличев.

Концепциски, оваа монографија е надградена и збогатена со сеќавања и беседи за Прличев на наши и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или биле недоволно разјаснети.
Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев.

Во монографијава подробно се обработени речиси сите активности кои се случувале во последните 25 години во рамките на „Прличевата или Охридска визита“ што всушност е едно исто. Првата визита се одржала во далечната 1963 година во Библиотеката а подоцна просторот се менувал и пак се враќала од каде што почнала.
Книгата „Охридски раскажувачи“ финансирана како некомерцијално издание од страна на Општина Охрид претставува еден вид антологија на прозното творечко ткаење кое се создавало во Охрид од творци родени во две половини од два века, втората половина на 19 век и првата половина на 20 век и како таква (а ние како составувачи се трудевме или барем се обидовме) таа претстава една целина во јазична, тематска и стилска смисла, карактеристична за овој духовен предел од Македонија. Во книгата се вклучени автори кои се родени во Охрид, и автори кои на некој начин животните патеки ги вкрстиле со овој град,ќе запише еден од приредувачите поетот Славе Ѓорѓо Димоски.
Проф. д-р Димитар Пандев за книгата „Охридски раскажувачи“ додава: -Тргнавме хронолошки, по годините на раѓање на охридските раскажувачи, водејќи сметка да ја не префрлиме границата на нашите генерации. А пред нас се отвори, сосема неочекувано Охридскиот предилинденски заговор и македонската државотворна и јазикопрестижна идеја преточена во сказанијата на Кузман Шапкарев, на Зафир Белев и на Евтим Спространов.  И сѐ се државотворечки приказни, светски и наши, вложени во  ќуркчиската каса што ја основал Григор Прличев.

А на овие приказни спонтано ни се разотворија со сета своја автентична документарност историските романи на Ванчо Николески, меѓу кои значајно место има романот „Гоце Делчев“.

Поемата „Цветко“ од Трајче Кацаров која неодамна беше прогласена за најдобра за 2021 година на отворениот конкурс што традиционално се распишува во чест на охридскиот и македонскиот поет Григор Прличев и промовирана пред три дена на Прличевите беседи во Охрид според жири комисијата во состав проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ (претседател), проф. д-р Мишел Павловски и д-р Славчо Ковилоски (членови), е „пишувана во модернистички манир и  претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвара суштински егзистенцијалистички прашања“. Понатаму во образложението се вели дека ракописот на Кацаров „има изградено цврста интегрирана приказна со структурна издиференцираност во мотивски поглавја (Пролог, Семе за надеж, Детството, Младост, Големата љубов, Брак, Лизгање по угорнина, Гости, Епилог), обединети околу одредени семантички јадра, кои го следат животот на главниот лик – Цветко.
Книгата е во издание на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид. Трите изданија се издадени со финансиска помош на Министерството за култура и Општина Охрид.

Пултот за зајмување во Библиотеката за читателите од понеделник до петок е отворен од 8.30 до 18.30 часот. Годишната членарина за возрасни е 300 а за ученици 200 денари.