Највкусното ѓомлезе, полнети пиперки, јагула на охридски начин на Охридска софра 2014
овие традиционални македонски специјалитети можеше да се пробаат денес на втората по ред „Охридска софра“. Денес и охриѓани, домашните, и странските туристи уживаа во добрата храна, чистиот воздух и прекрасната природа во Скребатно.
Полнети пиперки со најразлични филови, полнети црни домати, јагула на охридски начин, лепчиња пржени во мед и јаболка и највкусното ѓомлезе. Денес охриѓани, домашните и странски туристи кои допатуваа во охридското село Скребатно имаа можност да уживаат во овие вкусни и традиционални јадења приготвени во рамките на втората по ред „Охридска софра“. Главната ѕвезда на настанот беше секако традиционалното охридско ѓомлезе. Нема кој не чул за него, а ние денес имавме можност да се увериме во тоа.
„Ова ми е прв пат овде. Многу е интересно да се гледа како го подготвуваат ова јадење. Веќе пробав од него сабајлево, еден мој пријател ми подготви, има одличен вкус, многу богат. Мислам дека со толку многу ѓомлезе, сите овде би можеле да јадат.“
„Многу е убаво, сме го пробале и порано, и сега. Убаво. Локацијата е прекрасна, прв пат сме овде, веројатно нема да остане на еднаш.“
„Јас сум од Охрид, сум била повеќе пати во Скребатно и кога и да дојдам, уживам искрено речено, а ѓомлезецот е позната деликатесна работа за нас, одлично.“
„Натпреварувачот со број 16 е најсофистициран производител на ѓомлезе, честитам.“-рекоа дел од посетителите.
А еден од бројните подготвувачи со нас ја сподели својата мајсторија во приготвување на ѓомлезето.
„Тоа е обично, брашно, вода, сол и масло, друго нема. Некои редат млеко, јајца, некои пецива. Ние обично, природно затоа што секој не сака со јајце, не сака со млеко, ова си е брашно, масло, сол и вода.“
Со прекрасните етно звуци на Чалгија саунд систем, прекрасниот природен амбиент и традиционалната охридска но и македонска кујна, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вели дека најдобро се промовира туристичкиот потенцијал на Охрид и охридско.
„Целта е промовирање на руралниот туризам кој во нашата стратегија за развој во иднина ќе зазема значајно место. Она што во анкетите кои локалната самоуправа ги спроведе заедно со Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, странците го бараат ова. Странските туристи најзадоволни се од храната. Сметаме дека традиционалната кујна е силна страна на Охрид и затоа ја организираме оваа Охридска софра.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Втора година со ред, дел од „Охридска софра“ се и студентите на насоката гастрономија, исхрана и диететика при Факултетот за туризам и угостителство.
„Факултетот за туризам и угостителство и студентите од насоката гастрономија, исхрана и диететика се потрудија да направат еден избор од повеќе традиционални јадења кои што се направени по традиционални рецепти но и во традиционални услови. Така да се надеваме дека оние кои ќе сакаат да ги пробаат, ќе дознаат повеќе за вкусовите на старата македонска кујна и на охридската кујна се разбира. Одлична можност е да се презентира факултетот за туризам, насоката гастрономија и да ја подигнеме на едно повисоко ниво. Она што нашите предци ни го оставиле, тоа богатство од вкусови, тоа треба да го држиме и понатаму, тоа е она што остава голем впечаток кај туристите.“-изјави проф.д-р Сашо Коруноски, декан на ФТУ.
Дел од годинешното издание на „Охридска софра“ беше и водителката на популарната кулинарска емисија „Вкусот на традицијата“, Адријана Алачки. Заедно со неа, градоначалникот Никола Бакрачески во духот на денешната манифестација, и самиот зеде учество во „Охридска софра“, приготвувајќи јагула на охридски начин. Инаку во рамките на „Охридска софра“ се одржа и познатата ѓомлезијада односно натпреварот во приготвување на највкусно ѓомлезе. На него победник беше Боце Дукадиноски, второ пласирана беше Ратка Крстаноска и третопласирана Златица Размоска.
{loadposition content9}