Skip to main content

Големи загуби на медните приноси во охридскиот регион

Минимални приноси, високи цени,  намалена продажба на природен мед. Пчеларите од охридско велат опстојуваат на работ на рентабилност, потребна е поголема поддршка.
 |  инфодеск  | 

Климатските промени драстично ги намалија годишните приноси на мед. Пчеларите од охридскиот регион  велат опстојуваат на прагот на рентабилност. Има пчеларници кои годинава калкулираат  од  90% до 100 %  загуби.

Последниве години пчеларството во регионот бележеше подем, нови млади луѓе започнаа да се занимаваат со пчеларење, но овие состојби негативно влијаат дел од нив веќе се откажуваат.

-За жал, немоќни сме најчесто против климатските промени. Пролетниот период, тоест зимата, имавме огромни загуби на пчелни семејства. Консензуален заклучок е дека тоа се должи на недостаток  на полен во изминатата година, се одгаи  неквалитетно легло, излегоа  неквалитетни пчели и за жал не се направи смена на генерации и загубите беа во јануари и февруари, вели Наум Трпчески претседател на Здружението на пчелари Охрид.

Дел од пчеларите  се регистрирани  како оператори со храна. Велат поради минималните приноси  и високите цени доста е намалена  продажбата  на природен мед.

-Ги  имаме сите пчелни производи, како пчеларската фарма се трудиме да бидеме што поиновативни, што потрадиционални, да опстоиме да понудиме на потрошувачите она што е природно, што го дава природата, што го собираат  пчелите и преку тоа да го понудиме на конзументи, вели Тони Јосифоски пчелар.

Државата дава поддршка  10 евра по пчелно семејство, но според пчеларите потребно е зголемување, воведување  субвенциии  во опрема за мотивација  на нови  пчелари, како и намалување на минималниот праг за аплицирање во ИПАРД програмите.

Новинар Соња Рилковска