Се намалува бројот на пеликани во земјава
МЕД заедно со соработници од ПП Езерани и НП Галичица учествуваа во меѓународното пребројување на пеликани во ЈИ Европа.
Годинава пребројувањето е јубилејно за Македонија – се слави јубилеј, десет години. Потфатот беше координирана активност со соработниците од Грција (Друштво за заштита на Преспа, SPP) и Албанија (Друштво за заштита и зачувување на природната средина во Албанија, PPNEA) на територијата на Преспанскиот регион.
Овогодинешните резултати од пребројувањето го покажаа влијанието на инцидентот со птичјиот вирус на Малото Преспанско езеро, каде гнездечката колонија на пеликани се намали за 65%. Од македонска страна беа избројани вкупно 161 пеликан, што е помалку од половина од последните две пребројувања.
Малото Преспанско Езеро ја има најголемата гнездечка колонија на кадроглави пеликани и заедно со големото Преспанско Езеро претставува екосистем кој поддржува речиси 10% од светската популација на оваа глобално загрозена птица.
Пеликаните пристигнале во Преспа од североисточна Грција и западна Турција. Розевите пеликани пристигнуваат во Преспа подоцна во март од нивните презимувачки региони во Супсахарска Африка.