Skip to main content

Центар за јавно здравје

Намалување на тежината и 30 мин. физичка активност дневно, го преполовува ризикот од дијабетес

„Знај го ризикот, знај го одговорот“ е мотото на годинешната  кампања на Светскиот ден на дијабетесот.  Фокусот е врз ризик факторите, компликациите од болеста и достапноста на грижа за лицата кои живеат со ова хронично заболување. На национално ниво и во охридскиот регион бројот на лица со дијабетес е во пораст. Неопходно е подигнување на свесноста на населението за промени на животните навики за намалување на ризикот од дијабетес, а  за лицата кои веќе ја развиле состојбата мониторинг и менаџирање со цел спречување на компликации.
 |  Маја Савиќ  | 

Се зголемува бројот на лица со дијабетес.  Од 2019 до 2022 стапката на новодијагностицирани пациенти на национално ниво е во постојан пораст.  Во Охрид  во 2022 година се регистрирани 4052 лица со ова хронично заболување. Иако минатата година во охридско Центарот за јавно здравје регистрира одредено намалување во бројот на лица со дијабетес, а воедно  и најмала стапка  на новорегистрирани случаи, охридскиот регион не е исклучок од трендот на национално ниво, вели Д-р. Даниела Чингоска – Специјалист по социјална медицина и јавно здравје.

„Да истакнеме дека , на охридското подрачје од 2019та до 2022год, стапката на 100 000 жители пресметана на вкупен број на болни од дијабетес е највисока , значи повисока е и во однос на националната и од самиот регион. Значи во Охрид споредено со Струга и Дебар имаме повисока стапка на болни од дијабет и повисока стапка во однос на Македонија.“ – вели   Д-р. Даниела Чингоска – Специјалист по социјална медицина и јавно здравје.

На Светскиот ден на дијабетесот оваа година кампањата е фокусирана на ризик факторите, компликациите од болеста и достапноста на грижа за лицата со диајбетес и мотото е „Знај го ризикот- знај го одговорот“.

Ризик фактори за ова заболување се генетска предиспозиција, возраста, прекумерна телесна тежина посебно абдоминална дебелина, физичка неактивност, нездрава исхрана, висок крвен притисок, алкохол, тутун. Д-р Чингоска посочува дека опсежни медицински студии направени во САД, Кина, Индија и Јапонија покажале дека со промена на животниот стил и елиминирање на оние  ризик фактори врз кои може да се влијае значително се намалува ризикот од дијабетес.

„Овие студии даваат сериозни докази дека само промена на телесната тежина , односно нејзино намалување и физичката активност го преполовуваат ризикот од развивање на состојбата дијабетес мелитус. Со само 30 минути дневно физичка активност со умерено темпо како пешачење, џогирање, возење велосипед и намалување за 15% на телесната маса за 58% го намалува ризикот за добивање дијабетес. Исто така важни се промени во исхраната како избор на вода, кафе или чај наместо засладени пијалоци со шеќер, јадење свеж зеленчук и овошје секој ден, избор на леб ориз или тестенини од цели зрна, наместо бел леб, ориз или тестенини, избор на незаситени масти. “ – вели Д-р. Чингоска.

Лицата кои живеат со дијабетес треба посебно да се придржуваат до здрав животен стил кој вклучува и посебен режим на исхрана со цел да се одржува шеќерот во крвта одредени граници и да се спречат компликациите од дијабет како оштетување на крвни садови, нерви, бубрежни оштетувања , кардиоваскуларни заболувања и ампутација на долните екстремитети.

Во Република Македонија, според регистарот за шеќерна болест за 2022 година, од Институтот за jавно здравје, бројот на новодијагностицирани болни со дијабет изнесува 7.737 случаи, а вкупната преваленца изнесува 134 668 случаи.  Во светски рамки 1 од 10 возрасни луѓе  има дијабетес, 90% од заболените имаат  Тип 2 дијабетес. Според проценките половина од лицата со оваа состојба се недијагностицирани. Меѓународната федерација за дијабетес, по повод овој светски ден, на војата веб страна постави он лајн алатка Test2Prevent (Test2Prevent – Know your risk of type 2 diabetes | Try our risk assessment tool (worlddiabetesday.org)со која секој може да направи проценка на сопствениот ризик за дијабетес.