Започна првиот дел од тридневниот семинар, “Напредна академија за лидерство 2022“, во организација на Германската политичка фондација “Ханс Зајдел“ и фондацијата “Балкан нет“, под покровителство на Советот на Европа. Програмата на семинарот е интерактивна обука, посветена на градоначалници, општински лидери и раководители на сектори во општините.
На семинарот учествуваат претставници од Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија. Пред учесниците на семинарот се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
За да изградиме стабилни и просперитени земји, исклучително ни се важни локалните самоуправи, како еден од најважните столбови на непосредно одлучување на граѓаните и темел на модерната демократија. Се разбира дека тука има голем простор за натамошно учење и усовршување на сите инволвирани во носењето на одлуките, креирањето на правилни политики и постигнување на оптимални резултати – истакна во дел од своето обраќање, градоначалникот Пецаков.
Програмата на семинарот првенствено е фокусирана на три области: развој и подобрување на индивидуалните лидерски вештини, вовед во техники неопходни за управување со луѓе и организации, како и вовед во развивањето, планирањето и разбирањето на меѓународните проекти и програми.
Првиот дел од семинарот се одржува во хотел Милениум Палас во Охрид, а вториот дел ќе се одржи во текот на месец јули во Банско, Република Бугарија.