Наши гастрономски вкусови во Торино
Од светскиот саем на вкусови „Тера Мадре“ кој се одржа во Торино упатена е порака да се развива свеж изглед и нов ентузијазам за иднината на нашата храна. Со таа девиза и искуство од саемот се вратија и претставниците од македонската „Слоу фуд“ организација. Меѓу нив беа и производители и готвачи на храна од Охридско-струшкиот регион, Акин Сезер, Наташа Неданоска, Пеце Клечкароски и Димитар Арнаудов кои ја презентираа алхемијата на разни вкусови од нашето поднебје. Подготвија делиции од лешник, јагнешко под сач, зимници од органски производи, сучен охридски комад, ѓомлезе. На македонскиот штанд се служеше и планински чај од Галичица, слатко од охридски цреши. Дома се вратија со огромно искуство и сознание каде сме по квалитетот на производите, традицијата, вкусовите. Македонија е богато поднебје со храна, гастрономија, култура и традиција. Ние сме високо на светската листа, но многу ниско во однос на тоа колку го вреднуваме она што го поседуваме, а тоа се две контрадикторности, вели Наташа Неданоска.
„Ние пред светот се претставивме со богата историја на готвење , премногу вкусни специјалитети кои мора да ги зачуваме. Базата ни е во љубовта кон татковината, а татковината така се сака, со зачувување на автохтоните сорти, заедништво и братство. Си даваме поддршка, здружени, помош при новото искуство со несебичност и кулинарски лекции за разни вештини. Овој начин на размислување и здружување е спас од кризите за храна, млеко или енергија“, вели Неданоска.
Македонската организација „Слоу фуд“ даде поддршка да учествуваме и да споделиме искуства како работат локалните производители на храна во светот, напоменува Акин Сезер. „Сезер фарм“ за органско производство, на „Тера Мадре“ се претстави со четири видови продукти, зимница од органски производи , како што се ајвар, лутеница, макало од артичока и слатко од домати.
„За македонските производи, ајвар, лутенка, малиџано се знае во Европа. Коментарите беа овие прозводи ги имаме купено во маркет, но ова е сосема друг вкус. Работам чисто, традиционално. За ајварот од берба на пиперки, до печење, лупење, цедење, мелење и готвење, се е на дрва. Затоа имаа мирис и вкус, а има и љубов во производите. Сите производи беа интересни за дегустација на луѓето. Убаво беше и ми беше задоволство да видам на лицето од посетителите дека сум успешен во готвењето“, раскажува Сезер.
На саемот за вкусови во Торино, учествуваа 700 изложувачи и 3000 делегати од 130 земји. Охридско -струшките претставници на „Тера Мадре“ продолжуваат посветено да го работат она што е наша традиција и што може да е излез од економската криза. Една од тие традиции е обработката на плодната македонска почва и пренесување на таа љубов на младите генерации.