Наскоро градски превоз за охриѓани
Локалната самоуправа уште во ноември минатата година најави повторно воведување на линискиот превоз, а сега тоа станува и реалност.
Охриѓани повторно добиваат градски превоз. Локалната самоуправа вакво нешто најави уште минатата година, кога всушност беше извршено и бележење на автобуските постојки на неколку локации низ градот. Иако се работи за релативно мал град, граѓаните во минатото често реагираа и бараа градски линиски превоз, особено постарата популација која живее подалеку од централното градско подрачје.
Се чини наскоро и нивната, и желбата на сите граѓани, ќе биде остварена.
„Постапката веќе е завршена комплетно. Имаме двајца оператори кои ќе работат, кои ќе возат. Едниот е Галеб, а другата фирма не можам да се сетам која беше. До крајов на овој месец ќе отпочне градскиот превоз каде што како што споменавме, за посебните групи на граѓани, за пензионери и други ќе биде бесплатен тој градски превоз.“-рече градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
Граѓаните кои живеаат подалеку од централното градско подрачје, во зависност од нивните потреби, ќе можат да користат две автобуски линии.
„Двете линии ќе доаѓаат до населбата „Гоце Делчев“ или „Бараките“ како што ја викаме, затоа што тука живеат доста стари луѓе, е далеку од центарот на градот. И едната ќе се движи од населбата „Гоце Делчев“, од „Бараките“ по „Јане Сандански“, по „Туристичка“, по „Железничка“ до кај автобуската станица и повторно тука. Значи едната на тој начин ќе врти во градот, а другата линија од населбата „Гоце Делчев“ кон автобуската станица, према „Железничка“, по „Туристичка“ и повторно до населбата „Гоце Делчев“.-вели Петрески.
Изборот на превозникот и издавањето на дозволата и регистрираниот возен ред го врши комисија формирана од Градоначалникот на општина Охрид согласно понудите од јавниот повик.
Превозникот кој има лиценца за вршење општински линиски превоз на патници може да отпочне со вршење на превоз откако ќе добие дозвола и ќе регистрира возен ред за определена линија. Превозниците кои ќе возат на овие релации мора да исполнуваат и одредени услови. Доколку тие услови не се испочитувани, надлежниот орган во општината може да им ја одземе лиценцата за вршење на општински линиски превоз. Инаку, превозниците кои ќе возат на овие релации се бираа на јавен оглас објавен од страна на општината на 19ти Ноември минатата година.
{loadposition content9}