Skip to main content

Наскоро ќе биде отворена етнолошка поставка во Музејот на Робевци

Наскоро ќе биде отворена етнолошка поставка во Музејот на Робевци. Интересот  за етнолошките предмети од минатото на Охрид кај туристите е голем. Од Завод и музеј веќе склучиле договори со неколку поголеми туроператори за посета на музејот. Се прават завршни подготовки и во Лапидариумот кој е во надворешниот дел од музејот на Робевци.  

 |  Валентина Неловска  | 

Музејот Куќата на Робевци по подолга пауза повторно ширум ќе ги отвори вратите за посетителите. По завршената конзервација на горните делови од музејот ќе биде отворена етнолошка поставка покрај археолошката збирка. Туристите ќе имаат можност да ги видат етнолошките предмети од минатото на Охрид. Очекуваме во текот на летото да се докомплетира целиот објект, информира Елеонора Новаковска директор на НУ „ Завод и Музеј“.

„ Етнолошката поставка ќе е отворена ги чекаме витрините. Согласно договорот за еден месец треба да бидат испорачани, а дел од археолошката поставка да се доопреми. Најголемиот дел ќе биде отворен бидејќи интересот е голем од страна на туроператорите“, посочува Новаковска.


Завод и музеј склучил договори за посета на странски гости во Музејот на Робевци со неколу големи туроператори како што се Фибула и Генералтурист. Покрај етнолошката и археолошката поставка ќе биде достапна и Златната соба.

„ Тука планираме посебен режим на безбедност околу насочување на посетителите. Не е можно во еден момент да присуствуваат поголема група на луѓе. Ќе се договориме околу режимот за посета за да излезме во пресрет на сите посетители. Времетраењето на престојот ќе се ограничи за да ја видат сите посетители Златната соба“,напоменува Новаковска.

Измени ќе има и во Лапидариумот, во надворешниот дел од музејот на Робевци каде што е изложен Охридскиот чун. Нови содржини се планираат и на овој простор, а во сувенирницата ќе се нудат и нови експонати од охридското културно наследство.