Skip to main content

Култура

Наскоро, Неразбраната цивилизација

Течат пробите за најновата постановка на Народниот театар од Охрид на пиесата „Неразбраната цивилизација“ на бугарскиот автор Добри Војников.
 |  Голабовски Крсте  | 

Глобализацијата, идентитетот, сервилноста се само дел од темите кои ќе бидат обработени во најновата претстава на Народниот театар од Охрид. Станува збор за адаптација на пиесата „Неразбраната цивилизација“ на бугарскиот автор Добри Војников, стара повеќе од век и половина, но сеуште свежа и актуелна според темите кои ги третира.

„Самата пиеса кореспондира со денешното време, затоа што станува збор за глобализацијата која не опфаќа сите нас. За Европата која влијае на нас, како политички, така социјално, социолошки, културолошки и како ние го губиме малку по малку својот идентитет, трудејќи се да станeме европејци, европјани. Се поставува големото прашање. До каде треба ние да се моделираме себе си за да станеме дел од големото семејство на народите или до каде треба ние да се моделираме себе си за да станеме дел од онавоа глобализација која не опфаќа сите?“ – посочи Софија Ристеска – Петрушева – режисер.

Комедијата како вториот основен вид драма е можеби и онаа најмоќна алатка која театарот ја користи кога сака да го прикаже односот на популацијата кон промените кои времето и опкружувањето ги носат со себе. Станува збор за еден храбар пристап, без конвенционалните алатки за градење на една комедија, вели Софија Ристеска – Петрушева, режисер на претставата.

„Ова е комедија по жанр, самата пиеса, но ние мислам дека ја притискаме уште понатаму. Одиме кон сатира и кон гротеска. „Jас сум многу задоволна од колегите. Овде е Меката на комедијата. И паднав, мислам, на вистинското место“ – објасни Софија Ристеска – Петрушева – режисер.

Режисерката Петрушева додава дека оваа претстава е карактеристична и по тоа што се работи со исклучиво машки актери. Потенцира дека на Народниот театар од Охрид му се потребни повеќе вработувања, не само актери. Претставата „Неразбраната цивилизација“ е проект финансиран со средства од програмата на Министерството за култура, а пред охридската публика ќе биде поставена, пред Велигден, 12 и 13-ти април.