Наскоро нова поштенска марка
Деца со ретки болести. Вака ќе биде насловена новата поштенска марка која се очекува да биде промовирана на одбележувањето на Светскиот ден на децата со ретки болести. Новата поштенска марка за прв пат во светот ќе се печати во Македонија, а идејата е на вработена во охридската подружница на Македонски пошти, која заедно со директорот успеаа за нецела година идејата да ја преточат во реалност.
Поштенска марка за деца со ретки болести. Набрзо колекцијата на македонската филателија ќе стане побогата за уште една поштенска марка. До сега на светско ниво не е испечатен примерок на поштенска марка посветен на децата со ретки болести. Заслугата за тоа е на Гордана Лолеска, вработена во Македонска Пошта подружница Охрид, која е и волонтер на здружението „Живот со предизвици“, вели директорот на охридската подружница, Сејфула Хани.
„Успеавме и сега веќе тоа е реалност, помина во советот за филателија поштенска марка за лицата со ретки болести и очекуваме на денот кога се одбележува светскиот ден за ретки болести да биде промовирана и марката“.
Посветеноста, ангажираноста, ентузијазмот, упорноста и несебичното залагање на Гордана Лолеска, допринесоа една прекрасна идеја да стане реалност, вели директорот Хани. Поштенската марка за децата со ретки болести која веќе поминала неколку институционални филтри во нашата земја, има хумана мисија на светско ниво. Целта е, преку печатење на марката, да се делува на подигање на јавната свест за ретки болести во Македонија и пошироко, и да се даде допринос за тие деца, пренесува Хани.
„Гледаме дека навистина, денес нам чест ни е да се спомнуваме и на светско ниво, не само како Македонска пошта, посебно нашата подружница како иницијатор за оваа идеја и навистина мора да се гордееме со нашата подружница и со нашиот град бидејќи се спомнуваме насекаде“
Охридската подружница располага со сопствена продавница на филателија, што е реткост во споредба со другите градови од земјава, нагласува Хани. Тој вели дека оваа продавница функционира идеално и дека бележат добра посетеност и промет посебно од страна на странските туристи.