Skip to main content

Култура

Наскоро премиера на Несфатената цивилизација

Напишана пред век и половина, со актуелност и свежина на темите кои ги третира, ја прави оваа претстава една од оние кои мора да се видат.
 |  Голабовски Крсте  | 

Прашањата за зачувување на нашиот социолошки и културолошки идентитет, како и универзалните теми за моралот, честа и етиката се основата на најновата театарска претстава во изведба на Народниот театар од Охрид, „Несфатената цивилизација“ работена по истоимениот текст на бугарскиот автор Добри Војников, напишан пред повеќе од век и половина.

Преку една многу интересна семејна драма прикажана на еден, комичен, ироничен па дури и гротескен начин, ние ги испитуваме овие прашања. Дали нашпиот идентитет, културолошки и социолошки, треба да се менува или да остане таков каков што е? Се отвара и прашањето за припадност, дали човекот од 21 век умее да припаѓа на конкретна заедница и се отвараат прашањата за моралот честа и етиката – рече Софија Ристевска Петрушева, режисер.

Станува збор за театарски производ, кој не било лесно лесно да се донесe и од чијшто резултат екипата е задоволна, вели Горан Стојаноски, актер во претставата. Самиот начин како е поставена и жанровите кои се испреплетени, ја прават една од претставите кои мора да се видат.

Треба да дојдат и да ја видат затоа што е несекојдневна и како сите претстави исполнети со енергија и оваа претсава ни звучеше чудно, некои од колегите играат жени но очекувам публиката да ја оцени претставата како добра, како нешто за кое ние се ангажиравме 100% – објасни Горан Стојаноски, актер.

Актерот Стрезо Стаматовски вели дека тематика која оваа претстава ја третира, останал век и половина актуелна и несомнено ќе биде актуелна уште толку доколку некои работи не се променат.

Го играм ликот на Злата, една жена која од петни жили сака да биде нешто сосема друго, од она што е. Во нејзината травестија, за поголем залак од она што се вика цивилизација, Европа, манири, мода и нашминкани нешта, доаѓа во ситуација да си го продаде и највредното, а тоа е душата на човекот – посочи Стрезо Стаматовски, актер.

Ивица Цонев кој во претставата толкува три лика вели дека публиката ќе ја памети оваа претстава по згустениот аналог на дејствието и темпото, кое е многу динамично. А посебно интересни се жанровите кои се испреплетуваат.

Некоја комична гротеска со препратки, можеби и кабаре препратки. Во преставата играм три лика, сите три претставници на конзервативното, нашинското, кои се во конфликт со модернизмот или модерното.Конфликт кој ќе биде вечно актуелен според мене.И се разбира сите три лика се од различни социјални сталежи, со различен интелект и професии, кои ги обеднува вербата во етичките и моралните вредности – рече Ивица Цонев, актер.

Актерите Филип Кипровски и Павел Маслов зборуваа за актуелноста на темите и ликовите, заедно со сите нивни карактеристики.

Плакат

Колку се среќни ликовите, манипулирани од еден слаткоречив шарлата, исто како и ние што сме манипулирани од шарлатани, но барем нивниов е слаткоречив, а нашиве се само шарлатани.

Во претставата го играм ликот на Анка, ќерка на Злата и Хаџи Коста претставник на новата генерација, заслепена од сите ново наметнати вредности, кои ги среќаваме во нашето секојдневно живеење – велат Филип Кипровски и Павел Маслов, актери.

Актерскиот ансамбл е овој пат е исклучиво машки, некои од актерите ги играат и женските ликови од претставата, некои и по неколку од ликовите, па така публиката оваа неедела ќе може да ужива во актерската игра на Горан Стојаноски, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Павел Маслов, Ивица Цонев и Филип Кипровски.

Претпремиерата на претставата е закажана за 12-ти април во среда, додека премиерно пред охриѓани „Несфатената цивилизација“ ќе се најде во четврток 13-ти април во 20 часот. Билетите се пуштени во продажба.