Наставничката минимална плата под националната
Охридските просветни работници продолжуваат со штрајк. Револтирани се од дезинформациите кои се шират во јавноста во врска со нивните штрајкувачки барања. Билјана Чингоска, претседател на синдикалната организација од ОУ „Христо Узунов“, од името на колегите, појасни дека не станува збор за уценување и пазарење за проценти за покачување на нивните плати туку инсистираат на почитување на законите и Колективниот договор во образованието. Бараат да се реши долгогодишниот јаз во неусогласеноста на нивните плати со минималните плати на национално ниво. Со овој проблем се погодени сите просветни работници, а за проблемот не се зборува јавно ни од претседателот на СОНК нити од Владата, кажува Чингоска.
„Минималната плата на просветните работници е 9.900 денари. На тој износ се смета коефициент на сложеност. Кога порасна минималната плата на национално ниво на 12.000 ден. минималната плата кај просветните работници не се усогласи на 12.000. Не е усогласена ни со порастот од 14.750 ден. нити со 15.200 ден., а не е усогласена нити со сегашните 18.000 денари минимална плата“ – посочува Чингоска.
Просветните работници бараат од владата да не бидат ставени на маргините на општеството. Инсистираат да се почитува нивното законско право според Колективниот договор кое од 2012 година до сега им е ускратувано. Не сме против нити новиот колективен договор кој се најавува, напоменува Чингоска.
„Прво да го усогласат нивниот долг, кој не е по наша вина. Не сме виновни што владата не го усогласи минималното покачување тоа е нивен долг кон нас. Прво да се се израмни минималната плата и да се надополни, а после нема отстапување од новиот Колективен договор кој е во подготовка“– подвлекува Чингоска.
Од владата бараат спогодба која ќе им биде гаранција дека во одредена временска рамка усогласените пари ќе им бидат исплатени на просветните работници. Дотогаш, тие продолжуваат со штрајкот кој навлегува во 3 недела од прекинот на наставата во средните и основните училишта.