Од натпревар по англиски, до стипендии за „Јахја Кемал“
Осмоодделенците од основното училиште Христо Узунов одлични на регионалниот натпревар по англиски јазик.
Осмоодделенците од Христо Узунов растураат по англиски. Нивната постојана работа на усовршување на овој јазик се исплаќа на најдобар можен начин. Тие постигнаа одличен успех на регионалниот натпревар по англиски јазик и се закитија со прво, второ и четврто место. Младите Петар Пипоски и Ѓорѓи Ристески се осмоодделенците кои ги освоија првите две места на овој натпревар во огромна конкуренција.
„Тестот беше поделен во два дела. Првиот дел имаше да одредиш кој збор каде треба да се вметне. Имаше текстови да ги прочиташ, па потоа прашања имаше да ги одговориш од тие текстови, да го довршиш дијалогот, а во вториот дел исто така ни доделуваа текстови но само услов имаше, одговорот на прашањето ќе го дознаевме, ни пуштаа преку касета, и ние требаше да одредиме кој е точниот одговор.“-рече Петар Пипоски, второ место на натпреварот по англиски јазик.
Петар како награда за освоеното второ место е добитник на школска стипендија од приватното средно училиште, „Јахја Кемал“ која покрива 70 проценти од трошоците. Неговиот врсник пак, Ѓорѓи Ристески го освои првото место и е добитник на стипендија која покрива 90 % од трошоците за учење во ова средно училиште.
„Јас мислев да го продолжам образованието во Јахја Кемал ако ја освојам оваа стипендија. Сега кога ја освоив, ќе се запишам таму. Мислам дека има подобри услови за учење. Наставниците навистина се залагаат учениците да научат и да бидат најдобри.“-вели Ѓорѓи Ристески, прво место на натпреварот.
Покрај Петар и Ѓорѓи, добитник на стипендија е и Сара Петреска која добива 50 проценти покривање на трошоците, додека уште двајца други ученици од основното училиште Христо Узунов, се стекнале со право да се запишат во Јахја Кемал без да полагаат приемен испит.
„Од нашето училиште имаше дванаесет ученика. Тоа беше максималниот број кој училиштето Јахја Кемал го дозволуваше да одат натпреварувачи. Ние освоивме шест места да речам, а тоа беше регионален натпревар, ги опфаќаше општините Охрид, Струга, Дебар, Зајас, Кичево, Демир Хисар и други. Вкупно имаше 183 ученици на натпреварот. Ние бевме во училиштето, не прошетаа. Навистина е прекрасно. Условите таму да се учи во такво училиште е привилегија и јас сум многу среќна што нашите ученици ќе имаат можност за тоа.“-изјави предметната наставничка, Марија Мостро.
Организатор на натпреварот кој се одржа минатата сабота, е токму приватното средно училиште „Јахја Кемал“ кое се погрижи и за одличните награди за основците. Покрај десетте стипендии кои се движат од 20 до 90 проценти покривање на трошоците на школувањето, од Јахја Кемал ги наградија и учениците кои се пласираа од 11то до 25 место. Тие се стекнаа со право да се запишат во ова средно училиште без да го полагаат приемниот испит. Покрај тоа првите тројца ученици добија и парични награди од 5000 денари за првото, 4000 за второто, и 3000 денари за третото место.
{loadposition content9}