Skip to main content

Архив Охрид

Натпревари во правење песочни фигури се одржувале на охридските плажи во 80-тите години на минатиот век

Записи кои сведочат за одржување натпревари во изработка на песочни фигури на охридско струшката ривиера им биле презентирани  на хотелиери од страна на охридскиот архив.  Директорот на архивот вели дека во 80-тите години на минатиот век, изработката на фигури од песок на охридските плажи била своевидна атракција и за локалното население и за туристите.
 |  инфодеск  | 

Нешто навидум толку едноставно како правење фигури од песок може да биде интересна содржина за туристите на охридско струшката ривиера. Во ризницата на пишани документи на Охридскиот Архив меѓу разните записи за идеи на охриѓани од поблиското и подалечното минато коа го краселе поднебјето, постојат и такви кои сведочат дека во минатото на охридските плажи се одржувале натпревари во правење фигури од песок.

„Тој натпревар во песочни фигури започнал во 70-тите години и траел се до 80-тите години од минатиот век и навистина не само кај охридската популација туку и во сите оние  туристички агенции кои носеле странски туристи во Охрид, а подоцна и во Струга, биле своевидна атракција. Подоцна имало идеа токму овие натпревари да прераснат и во државни, да учествуваат и одредени гости, уметници од европските земји, со цел да се привлечет туристи во Охрид и на Охридското езеро.“ – вели директорот на Државен Архив, подрачно одделение Охрид, Никола Митровиќ – Бабе.

Натпреварите во правење песочни фигури започнале во основните училишта како еден вид секции од техничкиот предмет за потоа да преминат во натпревар меѓу училиштата , потоа се приклучил и градот Струга и прераснале  во меѓуградски натпревари на кој се изработувале прекрасни фигури најчесто поврзани со НОВ имајќи го предвид историскиот период.

„Од денешен аспект ако погледнаме ќе видиме дека децата кога се по песочните плажи се зафатени со дигитални уреди, мобилни телефони,  а во тоа време наместо такви апарати, децата имале своевидна креативна забава за изработка на вакви песочни фигури, дури било и престиж да се учествува на овај натпревар.“ – вели Митровиќ.

За овие песочни фигури постоеле и подготовки кои ги правеле одредени уметници со цел оние кои сакале да учествуваат предходно имале одреден период да се согледа нивната уметничка идеа а потоа да учествуваат во самиот натпревар. Најчесто овие овие натпревари во изработка на песочни фигури биле дел од градската плажа на Охрид, меѓутоа подоцна и во воениот камп односно плажата кај манастирот Св. Наум.

„ Таму се правеле бидејќи песокот е најдобар и низ самите документи кои ги пишуваат хроничарите Павле Митрески и Димитар Смилески и други историчари и новинари се кажува дека биле користени и лакови за коса за да се стврдне фигурата. Интересни записи , интересна традиција која можеби Охрид може да ја стави во својата понуда и да има натпреварувачи и од други држави.“ – вели Митровиќ.

Од Охридскиот Архив, записите кои сведочат за одржувањето натпревари во изработка на песиочни фигури им биле презентирани на неколку хотелиери во  Охрид кои поседуваат песочни плажи со цел, како што велат од архивот,  да размислат за возобновување на една стара, но доста интересна идеа која може да биде атрактивна за нивните гости.