Научен успех на кардиолошкиот тим од Охрид, труд објавен во European Heart Journal – Case Reports

начајно меѓународно научно признание за медицинскиот тим на ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид. Научен труд на д-р Благоја Стефановски, интервентен кардиолог, во коавторство со д-р Бранка Милачиќ, кардиолог од Одделот за интензивна нега, и д-р Елена Коваческа Башуроска, раководител на Одделот за интензивна нега, е објавен во „European Heart Journal – Case Reports“, меѓународно научно списание во рамките на Европското здружение за кардиологија (European Society of Cardiology – ESC).



Трудот со наслов „Late coronary artery perforation with subsequent cardiac tamponade 3 days after primary percutaneous coronary intervention in a young woman with spontaneous coronary artery dissection-induced ST-elevation myocardial infarction: A case report“ обработува редок и клинички значаен случај на доцна перфорација на коронарна артерија, проследена со срцева тампонада, која се развила три дена по примарна перкутана коронарна интервенција кај млада пациентка со спонтана дисекција на коронарна артерија и инфаркт на миокардот со СТ-елевација.

Станува збор за ретка, но потенцијално животозагрозувачка компликација, чија навремена дијагностика и соодветен третман се од особено значење. Научниот труд ја истакнува важноста на клиничкото искуство, внимателното следење на пациентите по интервентни кардиолошки процедури и препознавањето на ретки компликации кои можат да имаат сериозни последици.
Објавувањето во ова меѓународно научно списание претставува значајно професионално достигнување за авторскиот тим, но и признание за стручноста, посветеноста и научноистражувачката работа на медицинскиот кадар во охридската специјализирана болница.
Овој успех уште еднаш ја потврдува важноста на тимската работа, размената на знаења и континуираното професионално усовршување во современата медицина, со крајна цел унапредување на здравствената заштита и грижата за пациентите.








