Научете да правите пица од врвни пица мајстори
Обука за подготвување пица наполетана ќе организира пица мајсторот Дејан Трајанов Чеде. Краткиот курс за тоа како дома да подготвите совршена воздушеста наполетана Трајанов ќе го води заедно со својот најблисок соработник, пица мајсторот Мартин Александров.
Ќе се работи исклучиво рачно, за тестото ќе употребуваме брашна кои се достапни тука во сите маркети, достапни за сите домаќинки. Овој курс би бил наменет за домаќинките или луѓето кои сакаат да научат да прават добра пица во домашни услови – најавува Дејан Трајанов Чеде, пица мајстор.
Доколку можете во два дена да издвоите по два часа од своето слободно време, пица мајсторите Дејан и Мартин, ќе ве научат да подготвите пица со високо квалитетно тесто, со висока хидратација која се разликува од онаа која сте навикнале да ја правите или која може да се најде во поголем дел од пицериите.
Разликата е во изработката на тестото, повисока хидратација, феременти кои ние ги комбинираме и многу е важна ферментација на тестото, подолго време да отстои тестото за да биде воздушесто со структура внатре – објаснува пица мајсторот Мартин Александров.
Ќе употребуваме литература од врвиот италијански маестро Давиде Чевитиело со кој сум постојано во контакт. Ќе научиме два методи за печење на пицата, италијанскиот комбиниран метод, пицата прво се пече на тава во оган, а потоа во печка и вториот начин со вметнување камена плоча во шпоретот – додава Трајанов-Чеде.
Трајанов веќе 5 години ги усовршува техниките и тајните на подготвување пица, а своите вештини ги покажува на многу натпревари. Изминативе месеци, по учеството на светското првенство во Рим ја претставуваше Македонија и на меѓународен натпревар во Ниш. Трајанов го освои пехарот за апсолутен победник, златен медал во изработка на пица и сребрен медал за изработка на домашна паста во конкуренција на 60-тина учесници.
Искуството е големо. Запознавав многу луѓе од браншата, а се од тука од балканските земји и постојано контактираме, разменуваме рецепти, слики, преку социјалните мрежи, се отценуваме, критикуваме – вели Трајанов.
Неговиот колега Мартин Александров минатата година беше апсолутен победник на меѓународниот натпревар. Доколку сакате да ги научите тајните на изработка на пица од овие наградувани мајстори на пицата побарајте ги на социјалните мрежи и пријавете се.
Обуките или краткиот курс ќе започне со реализација од претстојнава недела, а ќе се одржуваат во барот Егоист.
Групите ќе бидат составени од 5 до 6 лица. Партиципација од 1000 денари е наменета за покривање на трошоците за изработка на пиците, а знаењето и дружењето се бесплатни.