Skip to main content

Наумоски: Ништо од реализацијата на капитални проекти за Охрид

Ништо од реализацијата на капитални проекти за Охрид, обвинија на денешната прес конференција охридските социјалдемократи. Наместо базен, автобуска станица и развојна зона, денес на тие места се уште зјапаат огромни дупки во напуштени и запустени градилишта, обвинува гласноговорникот од СДСМ Мишел Наумоски.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ по трет пат ги ветува истите проекти за Охрид, што ги ветуваше и на минатите локални избори. Пред 4 години ВМРО-ДПМНЕ вети преродба и забрзан развој на Охрид, но не реализира ниту еден од ветените приоритетни проекти, обвинуваат од ОО на СДСМ Охрид.

„Нема нова современа автобуска станица, нема затворен базен за пливање, нема модерно градско пристаниште, нема покриен современ зелен пазар, нема Дом за стари лица, нема индустриска развојна зона, нема ниту една катна гаража, ниту еден нов водоводен систем, ниту една нова пречистителна станица, нема скијачки центар на Галичица, нема експресен пат до Пештани и Св. Наум, го нема туристичкиот комплекс на Субрата Рој, ги нема луксузните хотели“.

Наумоски вели дека како и секогаш пред избори, од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат реализација на капитални проекти, а наместо тоа се видело што се случи со изградбата на базенот и автобуската станица. Додава дека истото ќе се случи и сега, со најавената изградба на современиот зелен пазар, ќе го раскопаат местото, ќе фрлат темели, ќе се сликаат за медиуми, ќе дадат изјави, ќе ја заградат локацијата и веќе наредниот ден ќе го заборават даденото ветување. Наместо базен, автобуска станица и развојна зона, денес на тие места се‘ уште зјапаат огромни дупки во напуштени и запустени градилишта, обвинува Наумоски.

„Граѓаните точно знаат дека власта на ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за охриѓани, туку напротив, серизоно го загрози нашето природно, културно и историско наследство и на Плаошник, Горица, Студенчишта, Љубаништа, и Св. Наум. Поради нестручно, несовесно и неодговорно однесување на надлежните државни институции доведен е под знак прашање статусот на охридскиот регион што е под заштита на УНЕСКО. Заштитениот статус на Охридското Езеро е серизоно загрозен поради виртуелните нереални и штетни мегаломански проекти за медитерански плажи, зимски центри, монденски марини, аеродроми на вода и парапетчиња околу езерото“

Наумоски изјави дека наголемо ветуваната економска преродба и економски развој на Охрид се претвориле во економска стагнација на градот и најголемо иселување на млади образовани луѓе. Во последните 10 години, од Охрид биле иселени преку 7 илјади луѓе, или во просек секој ден си заминувале по двајца наши сограѓани. Тој порача оваа ненародна и режимска власт да си замине, бидејќи СДСМ има План за живот во Македонија, за младите да останат овде, а тие што заминале да се вратат. Охрид заслужува да биде на листата на заштитени подрачја од УНЕСКО, како главен центар на нашето природно, културно и историско наследство, кажа Наумоски.