Не издржаа бекатон плочките со кои локалната ги крпеше ударните дупки низ градов
Старите дупки повторно отворени, а се појавија и нови во нивна непосредна близина. Од Секторот за комунален развој, сообраќај и улици велат дека се свесни за овој проблем и дека за скоро време ќе ги санираат дупките, но овој пат со асфалт.
Ударните дупки низ охридските улици повторно се отворија. Не издржаа бекатон плочките со кои службите од локалната пред нецел месец ги санираа дупките. Дополнително, во нивна непосредна близина се отворија и нови. Од Секторот за комунален развој, сообраќај и улици признаваат дека ситуацијата е таква, но велат дека уште во месец јануари тие изготвиле акционен план за трајно решавање на овој проблем и пополнување на дупките со асфалт.
Со оглед на тоа дека локалната неодамна веќе започна со асфалтирање на патниот правец Охрид-Велестово, најавуваат дека за скоро време ќе се започне и со санацијата на дупките.
„Ќе се започне во оној момент кога временските услови ќе се подобрат, ќе се делува по акциониот план кој е веќе утврден пред месец, месец и половина и ќе отпочне самиот процес на промена на бекатон плочките со асфалт. Според мои сознанија и од она што е разговарано на состаноците на секторот е дека најнапред ќе се заменуваат бекатон плочките во централното градско подрачје, ќе бидат санирани и нови дупки кои во меѓувреме се појавиле, а од централното градско подрачје, таа акција ќе се шири кон периферијата на градот и околните села и населени места.“-вели Љупчо Танески-Односи со јавност при Секторот за комунален развој.
Танески додава дека во моментот, градежната оператива на Водовод и Нискоградба работи на санирање и на опасната дупка која пред недела дена се појави на пресекот од улиците „Ванчо Питошески“ и „Мирче Ацев“. Жителите кои живеат во овој дел на градот, зад камерите не информираа дека овој проблем повеќе пати досега се појавувал.
„Овој пат иако не сум стручен, најверојатно се случува поради тоа што санацијата била со условно полош квалитет, но овој пат и на состанок се договори тоа да се направи еднаш-засекогаш, да се санира и во иднина да не се појавува овој проблем.“-рече тој.
Инаку, Танески потенцираше дека освен санацијата на ударните дупки и нивно пополнување со асфалт, за скоро време ќе започнат и со неколку други значајни инфраструктурни проекти, а како пример ги посочи зафатите кои се планирани на улицата „Ристо Чадо“.
{loadposition content9}