Не стивнуваат реакциите за монографијата „Незлобински“
Историчарот проф. д-р Павле Митрески вели Струга и стружани треба да се гордеат што по 75 години се објави монографија за „Д-р Никола и Софија Незлобински“.
Историчарот проф. д-р Павле Митрески вели Струга и стружани треба да се гордеат што по 75 години се објави монографија за „Д-р Никола и Софија Незлобински“. Тој е изненаден од реакцијата на директорот на струшкиот музеј, Сашо Цветкоски за обвинувањата упатени на адреса на авторот на монографијата, д-р Стојан Ковачески. Проф. д-р Павле Митрески го истакнува своето позитивно искуство со архивите од неколку балкански земји кои му биле достапни за неговите научни истражувања. Професорот 40 години работел на научни истражувања од областа на историјата, автор е на 12 книги и над 150 научни трудови. Во истражувањата користел документи од архивите од Србија, Хрватска, Бугарија, Романија. Професор д-р Митрески, вели треба да се надминат пред јавноста недоличните реакции кои се случија пред неколу дена за авторот кој ги искористил документите од струшкиот Музеј.
„Има една народна поговорка „Кој побрзо до убавата девојка ќе дојде, тој ќе ја земе“, а тоа значи кој е попаметен, поуспешен, побрзо ќе ги најде документите и ќе ги пресними тој ќе го објави трудот. Дали ќе е овој или оној е ирелевантно. Во овој случај д-р Стојан не влегол преку прозорец во установата туку морал да ги има документите со нивно знаење“, укажува Професор Митрески.
Директорот на Музеј може да реагира според одредена процедура само доколку во трудот има нешто што не е научно докажано, а ако не тогаш пред вистината и Боговите молчат, кажува професорот Митрески. Архивите и музејските депоа треба да се гордеат што нивните документи се користат и фактите се изнесуваат пред очите на јавноста. Животот и делото на брачниот пар Незлобински кој дадоа огромен придонес за развојот на Струга во минатото го заслужуваат тоа, нагласува професорот Митрески. Тој со носталгија се присетува на својата некогашна професорка по руски јазик , Софија Незлобински.
„ Софија беше моја професорка по руски јазик и на уште 15-тина деца. Ние децата, повеќето од околните села бевме неписмени, гладни и во нејзиниот дом учевме 3 години, руски јазик.Професорката не само што добро не научи руски туку и ќе не почестеше. Благодарение на неа научивме руски, а не во средното училиште. Со рускиот јазик се служев и во користење на стручната литература“, си споменува историчарот Митрески за професорката Незлобински.
Принципите при користење на документацијата во државните и локалните архиви и во музеите се секаде слични, ја објаснува процедурата на користење на документацијата Проф. Митрески. Секоја држава има закон за користење на архивската граѓа, а секој архив има правилник со кој се наведени кои документи може да се користат, а кој не. Прoфесорот напоменува дека тешко се достапни документи понови од 50 години и они кои се од строго политички интерес на држaвата. Но, во неговата пракса и тоа било надминувано.
Затоа Струга треба да се гордее со објавената монографија, а добро е ако се објават и други книги поврзани со нови моменти и документи од животот на Незлобински, нагласува проф д-р Павле Митрески.
{loadposition content9}