Skip to main content

Не го занемарувајте емоционалното здравје

Не треба да се занемарува емоционалното здравје, советуваат експертите. Барањето помош од психотерапевти, кај нас се уште е табу тема. Но подолготрајно занемарување на менталното здравје доведува до сериозни здравствени проблеми. Во Охрид веќе функционира група за едукација за гешталт терапија, но се уште е мал интересот кај граѓаните кои бараат помош, поради страв од етикетирање.
 |  инфодеск  | 

Во современиот брз начин на живеење, се повеќе граѓаните го занемаруваат емоционалното здравје. Барањето помош од психотерапевти се уште е табу тема. Подолготрајно занемарување на менталното здравје доведува до сериозни здравствени проблеми, затоа терапевтите апелираат да се бара навремено помош.

Во земјава изминатава деценија е достапна и Гешталт терапијата, при која  лиценцираните психотерапевти со сеанси  помагаат да се совладаат емоциите.

„ Секој денес во овој брз начин на живеење некако се помалку има време да размислува за тоа како функционира туку едноставно е важно само да се функционира. Но, доколку тоа долго трае таквото занемарување и тоа како може да резултира со со различни психички, па и физички телесни потешкотии. Секој физички проблем, веројатно се рефлектира на психичкиот аспект од живеењето и обратно, психичките проблеми делуваат ма телото. Затоа е особено важно да не се занемарува психичкиот аспект  и да се работи на тоа” , вели Розета Паскалиева гешталт терапевт.

woman walking on pathway during daytime

Во Охрид веќе функционира група за едукација за гешталт терапија, но се уште е мал интересот кај граѓаните кои бараат помош, поради страв од етикетирање. Основниот принцип на гешталт терапијата: секоја личност се смета за унифициран ентитет и му се пристапува во целокупноста – како целосна интеграција на ментална, физичка, емоционална, сензорна , и духовните димензии кои се доживуваат во сегашниот момент.

„Има интерес, едукацијата веќе започна од минатиот месец, веќе имаме група во која се работи. Доаѓам секој втор викенд, работиме работиме со часови едукација за гешталт терапија , а останатото време го користам за индивидуални сеанси за што се повеќе има интерес во градот. И овде во Охрид има интерес, голем број од граѓаните кои се јавија сакаат да доаѓаат за психотерапија, најчесто се јавуваат со потешкотии во областа на емоциите, во однос на некои потешкотии со депресија, со aнксиозност, со панични напади, со зависности има доста. Од тие што доаѓаат дознавам дека и тоа како има многу потреба од вакви третмани но голем дел од нивното опкружување се уште се соочува со таа стигма дека е тоа сепак ризично иако некој дознае”, вели Паскалиева.

Гешталт терапија е интегративен пристап, насочен кон клиентот, фокусиран на сегашноста, отелотворена форма на психотерапија која има за цел да им помогне на клиентите да го зголемат нивото на свесност; да побараат одговорност за  да ги прифатат последиците од нивните постапки.