Skip to main content

Во Охрид не запира градбата на згради иако пола од становите се празни

Во Охрид продолжуваат да се градат нови згради и покрај забележките на УНЕСКО за агресивна урбанизација и покрај статистичките податоци дека повече од половина од становите во градот зјаат празни. Сепак интерес за купување станови има, а квадратот покрај охридското крајбрежје достигна и над 2.500 евра. Најмалку корист од масовната урбанизација имаат граѓаните на Охрид и туризмот.
 |  Маја Савиќ  | 

Охрид е пожелна дестинација за градење за инвеститорите кои добиваат одобренија иако претераната урбанизација е нотирана во забележките на УНЕСКО како една од главните закани по универзалната вредност на Охридскиот регион. Потребно е да се воведе ред во градењето, ваквата урбанизација на Охрид е непринципиелна, сметаат дури и стручните лица кои заработуваат од продажба на станови.

„Треба да се урбанизираат одредени делови, да се обноват, реставрираат и тн. Меѓутоа ние треба да размислиме што сакаме. Дали сакаме Охрид да биде бисер или ние сакаме да го претвориме во едно масовно градилиште коешто нема ни ред, ни редолсед. Се гледа во самата градба, не може да се оди на лева страна само згради, а на десна само куќи. “ – вели Никола Иванчиќ од Агенција за недвижности „Наш Ваш дом“

Цените на становите се пораснати за 200% до 300% , но тоа не е резулатат само на поскапувањето на градежните материјали и, работната рака. Постои побарувачка за станови во туристичкиот бисер Охрид иако вон сезона повече од половина од нив зјаат празни. Кој ги купува становите на охридското крајбрежје каде, според трговците со недвижнини, квадратот е поскап дури и од туристички дестинации во соседните земји, Грција и Албанија.

„Странци заинтересирани за купување станови мислам дека процентуиално се движи 2 до 3% , паушално, немаме прецизни податоци. По моите сознанија процентуално земено некаде можеби се движи помеѓу 10 до 15 % охриѓани да купат стан, се останато се граѓани од страна, од други градови од државава коишто инвестираат купуваат во Охрид станови. – вели Иванчиќ.

Граѓаните сметаат дека Охрид инфраструктурно нема капацитет за ваква градежна експанзија. Проблемите се највоочливи во главната сезона со низа комунални проблеми, од висококатници во крајбрежјето се затвори и протокот на воздух, градот го губи својот сјај, а големиот број станови се одразуваат негативно врз главната стопанска дејност туризмот како нелојална конкуренција на сместувачките капацитети.

Последниот попис во 2021 година покажа дека Охрид е втор град во Македонија по број на станови во кои не живее никој, односно според статистиката има 17.820 празни станови или 53 проценти. Но, продолжуваат да се градат нови згради, а квадратот покрај охридското крајбрежје достигна и над 2.500 евра.