Skip to main content

Закон за трговија

Недела работен ден за туристичките центри

Собранието пресече, дуќаните во туристичките центри ќе може да работат во недела. Оваа одлука ја поздравија трговците, наспроти сидикатот, кој смета дека недела треба да биде неработен ден за сите.
 |  инфодеск  | 
Чаршија Охрид

Вчера попладне Собранието ги изгласа законските измени – сите трговци во туристичките места ќе можат да работат во недела и на празници, а работниците ќе добијат 100% поголема дневница. Овие законски измени стапуваат на сила веднаш откако ќе бидат објавени во Службен весник.

Според министерот Бектеши, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.

Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи од почетокот на годината, а и очекувањата согласно веќе направени резервации за странски туристи кои што оваа туристичка сезона ќе ја посетат Северна Македонија, посебно Охрид и Струга, согласно законските измени очекуваме зголемување на туристичката активност во целата земја. Измените на Законот за трговија се донесени со заеднички дијалог во инклузивен процес со сите засегнати страни, посебно во туристичкиот сектор. Работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела и празници ќе добијат дневница поголема за 100 проценти – објави министерот.

Чаршија Охрид

Сојузот на синдикати претходно реагираше на ваквиот предлог сметајќи дека недела неработен ден беше најдоброто решение за работниците.

И оние работници кои работат во недела и добиваа 250% повисока дневница се изјаснија дека не сакаат да работат во недела. Ако недела по традиција е неработен деен сакаат и нашите работници да одмараат и да имаат ден со семејството. Меѓутоа во дејности каде мора се согласивме дека треба да се работи. Но, не само во Охрид туристи има и во Скопје ако дозволиме сите да работат во недела не сме постигнале ништо – изјави потпретседателот во приватен сектор во ССМ, Иван Пешевски.

Чаршискиот еснаф задоволен од одлуката во недела да може да работат дуќанџиите.

Охрид и Чаршијата ви се благодарни за несебичното залагање и поддршка за измена на законот за работа во Недела и празници во туристичките места Законот е донесен со поддршка од сите политички партии и со тоа докажавме дека имаме сенс за вакви суштински прашања. Охридската Чаршија ќе продолжи да опстојува благодарение на сите Вас – напиша Маја Бакал претседател на Здружението Чаршиски еснаф.

Најголем број туристи во Охрид и Струга има токму во викенди, во недела чаршиите во туристичките центри беа пусти, водичите и целиот туристички сектор бараше дуќаните да може да работат во недела.

Новинар : Соња Рилковска