Недоизградена атмосферска канализација-проблем број еден за Нискоградба
Најмногу мака им создава делот на Туристичка од Билјанини извори, до новиот кружен тек на пресекот со улицата Асном.
Недостигаа малку пообилни врнежи за повторно да се појават старите проблеми. Охрид никако глава да крене од честите поплавувања на улиците. Од ЈП Нискоградба кои се задолжени за одржување на атмосферската канализациона мрежа, велат дека работат постојано, седум дена во неделата, со цел да можат да се справат со инцидентните интервенции, а паралелно со тоа работат и на превентивно одржување на системот за одведување на отпадни урбани води. Сепак често проблемите успеваат да ги преплават.
„Посебно во овие есенски периоди, кога имаме обилни врнежи, а во исто време паѓаат и лисјата, се јавуваат запушувања на системот за одведување на атмосферските води. Тоа е проследено со поголема количина на врнежи, а во исто време лисјата се влеваат во сливниците, во шахтите и го спречуваат одведувањето на атмосферските води. Тоа ни е секојдневно. Ние располагаме со две наменски возила за отпушување на вакви застои и во системот за атмосферски води и во системот за фекални води и тие две екипи се нон-стоп на терен.“-вели директорот на ЈП Нискоградба, Владо Цветкоски.
Цветкоски проблемот го лоцира на повеќе места. Како причина број еден ги наведува долгите години запоставување на системот за атмосферска канализација и неговата недоизграденост. Од вкупно изградената мрежа од 140 километри, само 30 припаѓаат на атмосферската, додека 70 се фекална и 40 километри мешовита канализациона мрежа. Токму поради тоа, скоро неизбежно е влијанието на човечкиот фактор. Цветкоски вели дека граѓаните немајќи друг избор, го бараат најлесното решение.
„Луѓето барајќи спас, ги приклучуваат олуците и сливниците во фекалната канализациона мрежа, а со тоа дополнително си прават проблеми бидејќи таа мрежа е димензионирана исклучиво за одведување на отпадни води од домаќинствата, не се димензионирани за атмосферски отпадни води, така да при обилни врнежи, посебно при кратки или подолги невремиња може и фекалната мрежа да не функционира.“-рече Цветкоски.
Според Цветкоски, оваа ситуација ја отежнува и работата на колекторскиот систем кој мора да работи или со повеќе пумпи или пак пумпите да работат со поголема брзина за да успеат да ги пречистат мешовитите води кои се влеваат во системот. Решението на пролемот за жал е долгорочен процес.
Цветкоски смета дека доизградбата на атмосферската канализација во голема мера ќе ги елиминира честите поплавувања на охридските улици, но иако вели дека интензивно работат, процесот на доизградба ќе трае уште долго време. Засега покрај оние функционални 30 километри атмосферска мрежа, од Нискоградба работат на овој проблем во населбата Бејбунар, улиците Ариф Мустафа, а како еден од приоритетите ја наведуваат улицата и Момчило Јордановски. Па во меѓувреме, нека си врне, ама со усул.
{loadposition content9}