Недостигот на стручен кадар и ова лето ќе биде главен предизвик за хотелско угостителскиот сектор

Еден од клучните проблеми во туризмот и оваа сезона е недостигот на стручен кадар. Најголем дел од домашниот квалификуван кадар и ова лето ќе заработува во Хрватска. Таму платите се повеќекратно повисоки од она што се нуди во земјава.
Позициите келнери, шанкери, помошници во кујна, собарки на брегот на Охридското Езеро ќе ги надополнат средношколците и виталните пензионери.

-Во моментов повторно се потпираме на младата сила оние постари средношколци или почетни студенти кои што се се уште тука и имаат желба да работат и мислам дека тие ќе бидат повторно спасот за оваа туристичка сезона, вели Челик Асим угостител.

–Се помалку луѓе имаат интерес да работат во оваа индустрија но може да кажеме дека за тој летен период се наоѓаат сили со некои промени на законите за работни односи повеќе луѓе се заинтересирани од постарата генерација кои пополнуваат некои работни места така да тешко е но се снаоѓаме, вели Крсте Блажески претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.
Увозот на работници од странство лани се покажа како неуспешен, дел заминаа за европските земји, дел незадоволни од условите се вратија дома, само мал дел останаа.

– Пробавме алтернативи со да кажам со увоз на работна сила од некои земји кои што евидентно не покажа резултат. Сведоци сме дека таков кадар во секторот во кој што ние се бавиме можат, но не се покажа успешно тоа е факт, вели Асим.
– Секогаш треба да се одберат правите луѓе кои треба да дојдат за работа а не само за поминување да ја искористат нашата земја како влез и понатаму да продолжат низ Европа, вели Крсте Блажески.

Според експертите, потребна е стратегија за задржување на стручниот кадар во земјава. Секторот да понуди поголеми плати и бенефиции, а државата да даде поддршка преку субвенции или ослободување од даноци за домашните вработени.
Новинар Соња Рилковска