Недостаток на гробни места во Охрид
Недостаток на гробни места е најголемиот проблем со кој се соочува ЈП „Градски гробишта“. Оваа тема беше посочена и на седница на совет посветена на советнички прашања. Проблемот е сериозен и го спречува јавното претпријатие да ја извршува основната дејност за којашто е формирано, посочи советничката од „Охрид пред се“, Леона Кичеец.
Дали во буџетот за 2023 година ќе се предвидат средства за експропријација на парцелите кои се граничат со површината на градските гробишта или доколку таква експропријација е завршена и се експроприирани парцели дали ЈП би можело да стапи во владение, а потоа и во сопственост на истите – истакна Кичеец.
За годинава од буџетот не се предвидени и издвоени средства за експропријација на земјиштето кое граничи со гробните парцели. Поради тоа, во два наврати, се донесени одлуки за размена на земјиште кое граничи со гробните парцели на ова јавно претпријатие, но и овој начин за решавање на проблемот со недостаток на гробни места оди бавно, вели Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Размената се изврши, меѓутоа понатаму се изјалови заради некои други причини, технички, каде не биле чисти тие парцели кои се разменале. Така да на нас останува да пронајдеме, не сами ние како институција и урбанизмот и сите заеднички да поработиме, таа одлука на совет да ја завршиме, која пред две или три години е отпочната. Автоматски би добиле две парцели каде би можело да се користат од ЈП – кажа градоначалникот Пецаков.
Пецаков додаде дека во 2023 година ќе се предвидат средства за експропријација, но онолку колку што е возможно, бидејќи пред нас е една пеколна зима. Доколку средства нема, ќе се продолжи со размената на земјиште, се со цел ЈП Градски гробишта да функционира.