Skip to main content

Недостиг на медицински кадар во Охридско-струшкиот регион

Лекари, медицински сестри, инструментарки и друг стручен кадар недостигаат во здравствените установи во Охридско-струшкиот регион, а проблемот дополнително се продлабочува со заминувањето на здравствените работници во пензија. Министерот за здравство Сашо Клековски најавува поедноставување на процедурите за нивна замена и долгорочни решенија за надминување на недостигот.
 |  инфодеск  | 

Недостигот на медицински кадар е сериозен предизвик за здравствените установи во Охридско-струшкиот регион. Недостигаат лекари, медицински сестри, инструментарки и друг стручен кадар, а проблемот дополнително се продлабочува со заминувањето на здравствените работници во пензија.

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека недостигот не е проблем само на една установа или регион, туку потребите мора да се гледаат како целина.

„Ние мораме да бидеме свесни дека недостигот на лекари и медицински сестри не е македонски, не е европски, глобален е. Проблемот не исчезнува, само ќе се зголемува. Тој нема да се намалува. Многу причини влијаат на тоа. И во тој поглед мислам дека она што мораме да го правиме во иднина е да ги гледаме сите заедно. Имате центри за јавно здравје, има здравствени домови, има општи болници, има специјални болници. И мислам дека мораме да почнеме да ги гледаме сите заедно, бидејќи оптималност на едно место можеби има слободен капацитет на друго место и ќе мора и здравствените работници да бидат пофлексибилни во однос на достапноста.Генерално мислам дека недостатокот е на средномедицински, веќе не е малку на високомедицински, туку на медицински сестри, инструментарки и сличен кадар, и на тоа активно работиме.”-вели министерот Клековски.

Еден од проблемите е и долгата процедура за замена на здравствените работници кои заминуваат во пензија. Клековски вели дека средствата за нивните работни места се веќе обезбедени, но администрацијата го забавува процесот. Вели се залага на поедноставуавње на процедурите.

„Јас се залагам во Владата и во Министерството за финансии да се олесни процедурата на замена на пензионираните здравствени работници. Да нема толкава администрација за нешто што е веќе буџетирано, пошто во основа целиот концепт на проверка во обработувањето е дали има обезбедено средство, за да не се отвораат работни места за кои нема обезбедено средство. Меѓутоа, оние што заминуваат во пензија, тие средства се обезбедени и се залагам да го скратиме периодот на одлучувањето и одлуките да бидат поврзани со работни места во текот на одреден период, бидејќи сега се има дополнителен проблем со флуктуација на здравствениот персонал.”– посочи Клековски.

Паралелно со олеснувањето на процедурите за замена на пензионираниот кадар, се бараат и долгорочни решенија. Заврши пријавувањето на интерес за вработување на 300 приватни специјализанти во јавните здравствени установи. Сега нивниот интерес се усогласува со потребите на болниците, а приоритет ќе имаат установите надвор од Скопје.