Недостиг на паркинг места во Охрид
Во Охрид недостигаат паркинг места. Најголемиот проблем се чувствува во екот на туристичката сезона, кога во градот има двојно или тројно повеќе возила.
Тесни грла во сообраќајот се улиците во централното градско подрачје, главните артерии кои водат кон плоштадот. Дополнителен проблем е и новиот лик на улицата „Македонски Просветители”, која сеуште е во изградба. По завршувањето, на неа ќе има двојно помалку паркинзи од претходно.
Директорот на ЈП „Билјанини извори” Тео Андоноски, вели се обидуваат да обезбедат што повеќе паркинзи за ва лето.
Немаме доволно паркинг места, посебно за летниот период имаме голем недостаток на паркинзи. Се обидуваме да се прошириме. Имаме земено некои други паркинзи. Се надеваме дека улица „Македонски Просветители” наскоро ќе се заврши бидејќи тоа е главната улица на градот, ќе биде завршена улицата и ќе имаме места за паркирање – вели Андоноски.
Новитет е тоа што јавното претпријатие за првпат воведува хуманитарни паркинзи. За почеток ќе има две такви обележани локации, а парите ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
Во моментов воведуваме техничка подготовка со операторите, софтверски решенија, ќе се отвори нова зона. Бидејќи ќе имаме софтверско решение ние ќе знаеме точно за таа зона колку средства се влеале за таа намена и тие средства дополнително ќе одлучиме ќе ги префрлуваме на хуманитарни организации. Дали за родители со деца со посебни потреби, дали на Црвен крст, дополнително ќе одлучиме – додава Андоноски.
Со години се најавува изградба на катна гаража за решавање на проблемот со паркингот во Охрид. Беа одредени повеќе локации, првата катна гаража за која се завршени сите технички процедури и се очекува да биде изградена е во Градскиот пазар.
Новинар : Соња Рилковска