Skip to main content

Неизвесно одржувањето на трката во Формула 1 со моторни чамци на Охридско Езеро кај Поградец

Од иницијативата за стопирање на оваа трка информираат дека добиле известување од УНЕСКО и овој настан ќе биде една од темите на нивната мониторинг мисија. Во меѓувреме статусот на трката е променет во непотврден, а еколошките здруженија и институции од Македонија и Албанија лобираат истата да биде целосно откажана.
 |  Маја Савиќ  | 

Сè уште се преговара за одржување на трката во Формула 1 со високо-туражни моторни чамци на Охридско Езеро кај Поградец. Статусот на трката,  која според календарот на организацијата F1-H2O беше закажана за јули, од пред некое време е променет во непотврден. Над 50 здруженија и институции од Македонија и Албанија неколку месеци апелираaт до властите на Албанија и Македонија да се спречи одржувањето на трката. Тие на почетокот на годинава испратија информација за овој настан до телата на Комитетот за заштита на светското природно и културно наследство на УНЕСКО.

„Добивме известување од УНЕСКО, писмо, дека ја примиле информацијата и ја дисперзирале кон сите релевантни државни институции во Македонија и Албанија и дека тоа ќе биде една од темите на нивната следна мониторинг мисија“ – вели Драгана Карашова од Иницијативата  STOP F1-H2O.

Здруженијата на граѓани, еколошки асоцијации и институции од земјава и од соседна Албанија  здружени во иницијативата „STOP F1-H2O“ се заложуваат за  подигнување на јавната свест за штетните последици на трките со моторни пловила и воопшто нивното присуство во Охридското Езеро, најстарото во Европа, заштитено светско природно наследство и жариште на биодиверзитет со над 200 ендемични организми.

„Доколку се здружиме од двете страни на границата, Македонија и Албанија, ќе можеме многу повеќе да делуваме и да притискаме  таму каде што треба за позитивни промени и развивање за одржлив туризам наспроти туризам кој ги експлоатира прирудните ресурси.“ – вели Карашова.

Од Едриличарка федерација на Македонија се категорично против одржување на Формула 1 трка на вода. Тоа се коси со сите наши принципи и заложби за развој на еколошките водни спортови, вели  претседателот на федерацијата, Будимир Соколовиќ. Тој смета дека оптоварувањето на Охридското езеро со пловила на моторен погон треба да се намалува.

„ Наша заложба е во догледно време бројот на моторни пловни објекти кој сега изнесува 3000 наспроти околу 50 едрилици да се промени во корист на едрилиците. Да имаме што повеќе едрилици, а помалку моторни пловни објекти кои се нужни и потребни во одредена мера но сепак нивниот број да е помал. За ова да е возможно потребна е инфраструктура на езрото, ние преку 20 години разговараме за марина и тоа сега веќе и како да се позаборави.“ – изјави Будимир Соколовиќ – Претседател на Едриличарка федерација на Македонија.

Трката со високо-туражни моторни чамци не е официјално откажана. Доколку се одржи според еколозите и стручните лица тоа ќе биде погубно за екосистемот на Охридското езеро.