Некој обештетен, а некој оштетен
Советниците од ВМРО ДПМНЕ тврдат дека се направени многу пропусти и злоупотреби при обештетувањето на граѓаните чии домови настрадаа во земјотресот кој го погоди Охрид, а со тоа е оштетен буџетот на државата. В.Д. Градоначалникот Константин Георгиески кажа дека и службите на локалната утврдиле неправилности во исплатата на оштетените и веќе е формирана дисциплинска комисија.
Обештетувањето на граѓаните чии домови настрадаа во земјотресот кој пред година и пол го погоди Охрид, го оштети буџетот на државата, тврдат советниците од ВМРО ДПМНЕ. Тие на денешната седница побараа да се стави дополнителна точка на дневен ред по која ќе се расправа за неправилностите кои биле утврдени при исплатата на оштетата на некои граѓани. Како што кажа координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков на некои граѓани им биле исплатени повеќе средства од тоа што реално биле штетите, а други пак воопшто не биле обесштетени.
Кој знае каква ќе беше штетата по буџетот на РМ и какви процедурални грешки ќе направеше раководството на Локалната самоуправа во Охрид ако ВМРО ДПМНЕ не ја откриеше целата афера и не доставеше барање за информација од јавен карактер, вели Пецаков.
В.Д. Градоначалникот Константин Георгиески кажа дека службите на локалната утврдиле неправилности во исплатата на оштетените уште на 6.12 2018, а барањето за информација од јавен карактер од страна на ВМРО ДПМНЕ било доставено дури на 13.12. Локалната веднаш штом забележала неправилности започнала со постапка за испитување на овој случај.
Јас формирав дисциплинска комисија на 4.01. Таа има законски рок од дваесет дена да изготви извештај и до тој законски рок јас нема да коментирам по однос на работата на таа комисија и наодите кои што ќе дојдат до таа комисија. Како претседател на таа комисија поставив истакнат член на ВМРО ДПМНЕ кој сум сигурен дека совесно ќе си ја изврши работата, а сите оние кои се огрешиле од законот ќе бидат извадени пред лицето на правдата, рече Георгиески.
Инаку на денешната 23та седница на Совет на која имаше 39 точки дел од нив беа повлечени поради технички пропусти, но три беа додадени. Две на предлог на секретарот на општината и тоа за покачување на бодот на администрацијата и за утврдување на недвижен имот на ЈП „Билјанини извори“ и една на барање на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, а тоа е за разгледување на постапката на обештетување од земјотресот. И трите беа изгласани. Пецаков поднесе и неколку барања во врска со нивната точка. Едно од нив е претседателката на совет по завршувањето на дисциплинската постапка да упати писмо во име на советот на Општина Охрид со кое ќе го информира Основното Јавното обвинителство за сомнежите кои постојат по однос на исплатата на штетите од земјотресите, како и до СВР Охрид и Владата на РМ.