Skip to main content

Нелегална сеча на огревно дрво има во шумите на територија на општина Охрид и Дебрца

Најмногу се  сече шума на границата на општините Дебрца и Струга. За  подобра контрола врз управувањето со шумите потребни се законски измени во делот на дефинирање на ингеренциите на шумарската служба на ЈП Национални шуми и шумската полиција, смета раководителот на охридската поддружница. 

 |  Валентина Неловска  | 

Нелегалната сеча го загрозува одржливото управување со македонските шуми. Во земјава шумата се уништува со сеча за огревно дрво. Се сечат шуми насекаде, а не е исклучок ни подрачјето кое го покрива шумското стопанство Галичица на делот од охридската општина и Дебрца, информира Славчо Голабоски, раководител на охридската поддружница.

„Нелегалната сеча е насекаде на територија на општина Охрид. Се забележува нелегална сеча на Буково, во атарите на селата Вапила, Мешеишта. Во Дебрца има поголема нелегална сеча на границата со струшката општина на делот со Црвена Вода. Таму преземавме минатата година поголема акција и одземање на количини дрвна маса од нелегална сеча“.

Според проценките на Асоцијацијата за демократски иницијативи и Институтот за комуникациски студии нелегалната сеча во земјава се движи околу 25-30 отсто од вкупно исечената дрвна маса. Раководителот на охридската поддружница, Голабоски не сака да шпекулира колкав е процентот на нелегална сеча на нивната територија, но вели дека е многу помал во однос на другите поддружници во земјава.

Нашата реализација на ниво на поддружница шумско стопаство во Охрид е некаде 29.200 метри кубни. Тоа е број кој ги задоволува потребите на населението во делот кој ние го покриваме, а дел на огревно дрво продаваме и во соседна Струга“.


Шумочуварите на ЈП Национални шуми соработуваат со Шумска полиција, но има поклопување на ингеренициите. Затоа е потребно да се пристапи кон измена и дополнување на Законот за шуми во кој ќе се дефинира работата на шумочуварската служба и на шумската полиција. Потребно е да се формира една служба која поефикасно ќе ја обавува работата, смета Славчо Голабоски.