Нелегалниот улов кој го запленува езерската полиција е само врв на ледениот брег
Осум рибарски мрежи со должина од по околу 100 метри, со улов од 93 парчиња риба, со вкупна тежина од 11.4 килограми, заплени полицијата во последната акција против рибокрадци.
„Мрежите со уловот се пронајдени по преземени мерки и активности од страна на полициски службеници од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ на потегот од плажа „Дебрца“ до плажа „Версус“ – Струга, на околу 1000 метри од брегот на езерото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. – информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Спортските риболовци постојано алармираат дека се случува масовна кражба на риба и се нанесува огромна штета врз рибниот фонд додека Охридското езеро чека некој да го земе под заштита. Нивните проценки се дека дневно во Охридското езеро нелегално се ловат и по 500 килограми риба. Радован Димитриевски, спортски риболовец, вели дека неделно околу еден и пол тон риба се шверцува од Македонија во Албанија и обратно.
„Мора да се стави крај на сето тоа. Дали да се додели коцесија за стопански риболов, но ние сме против тоа, бидејќи езерото е уништено. Гледате дека кај нас се лови само белвица, бидеќи ја нема пастрмката, додека пастрмка се лови само во Албанија и се шверцува овде. Значи се врши размена на белвица и пастрмка. Секаде се врши нелегален излов на риба, но никој не ги контролира“, вели Димитриевски.
Охридска пастрмка ја има на нелегалниот пазар во земјава и во рестораните по цена до 60 евра за килограм. Популациите на ендемичните видови Охридска пастрмка и белвица во изминатите 20 години се на критично ниво, велат екологистите.
„Тоа е затоа што овие 20 години покажаа дека е потребен видео-надзор којшто ќе ги следи сите активности во близина на населените места и би ги стопирал, односно би ги редуцирал на минимум сите оние незаконски дејствија кои се однесуваат како на илегален риболов, палеење и уништување на трска и натрупување на отпад“, рече Ѓоко Зороски, екологист.
Еден од предлозите на екологистите е државата да управува со самото езеро, за да се стопира нелегалниот улов на риба и уништувањето на рибниот фонд.