Охридскиот пливачки маратон годинава нема да се одржи. Ова беше соопштено по денешната средба на претседателот на државата Стево Пендаровски со претседателот на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски.
Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, на средбата се разговараше за реализираните активности на Националната пливачка федерација, за организациските проблеми и предизвици во пливањето на домашен и меѓународен план, како и за идните планови на федерацијата.
Претседателот на Националната пливачка федерација информираше дека оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон кој традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата и ги образложи причините поради кои е донесена таа одлука, а се поврзани со блокираната сметка на федерацијата и финансиското работење на претходното раководство – се наведува во соопштението.
Откако беше објавена оваа вест, се огласи и охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, кој на официјалниот фејсбук профил напиша:
Драги мои охриѓани, но и почитувана македонска и светска јавност,
Изразувам огромно жалење поради информацијата дека оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон, кој е под покровителство на Претседателот на Македонија.
Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки.
Срамната одлука за неодржување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот вистински маратон.
Несериозно е да се остави Националната пливачка федерација со блокирана сметка поради лошо финансиско работење и со тоа неможност да се задржи брендот во маратонското пливање.
Жалам за љубителите на водени спортови и гостите што се дојдени на одмор на охридското крајбрежје што Охрид нема да има можност да ги пречека најдобрите светски пливачи кои нема да ја почувствуваат магијата на водата во македонскиот езерски бисер.
Апелирам да престане уништувањето на националните симболи и манифестации по кои е препознатлива Македонија – вели Пецаков.