Нема доволно обучен кадар за Костал
Од Костал Македонија најавуваат нови проекти и нови вработувања оваа година. Костал во моментов има над 1000 вработени во охридската фабрика за електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија.
Во шест годишното постоење компанијата вработува најмногу инжинери во земјава и во развојот се соочува со два сериозни проблеми. Едниот е недостатокот од стручни профили.
Генералниот менаџер на компанијата, Виктор Мизо, притоа напоменува дека за новите проекти имаат потреба од вработување на стручни профили.
Нема доволно обучен кадар од секој профил, од средношколски и од високото образование. За сите нив креираме специјални обуки и процеси. Имаме тренинг обуки за инжинери во период од 6 до 12 месеци. Тие работат на подобрување на нивните вештини и адаптација на потребите од нашата индустрија, каде што има голем дел на автоматика и роботика од најновата и последна технологија. Во нашиот случај, процесите не се користат нити во Германија. Ние овде имаме понапредни процеси дури и од централата каде што е фирмата – објаснува Мизо.
Виктор Мизо, генералниот менаџер, покрај проблемот со недостаток на стручни профили ја посочува потребата од подобрување на бизнис климата во земјава. Мултинационалните компании бараат побрзо адаптирање на нашите регулаторни правила и процеси според глобалните стандарди. Потребна е поголема активност на институциите кои се задолжени за помагање на странските инвестиции во решавање на предизвиците и проблемите со кои се соочуваат компаниите, наведува Мизо.
Би апелирал до сите институции за поголем слух во решавање на проблемите и барањата на компаниите за олеснување и поедноставување на процесите во решавање на проблемите. Се соочуваме со инертност на институциите. Одговорностите се префрлаат од институција до институција или некој не сака да преземе одговорност или не носи одлуки. Во државните институции се чека последниот рок за одговор, а за нас времето е пари. Колку побрзо се одлучи поефикасна е нашата работа – вели Мизо.
Барањата на странските компании не се разликуваат многу од домашните, додава менаџерот на Костал Македонија. Најчесто странските инвеститори се погласни во своите барања кои се услов за да станеме поконкурентни за да се развива домашната економија. Инвеститортите ги следат процесите каде поефикасно се работи, а од тоа зависи каде ќе вложуваат средства во нови проекти. Нашата конкуренција е во Источноевропските земји, Северна Африка, Кина, насекаде во светот. Ажурноста на сите институции на државно и на локално ниво се важни во нашиот процес и деполитазицијата на институциите е за добробит за државата, порачува Виктор Мизо.