Skip to main content

Трговија

Нема леб по пониска цена во продажба

Пекарите и производителите на основните прехрабнени артикли не доставуваат понуди до трговците со пониска цена. Производителите требаше да ги намалат цените на артиклите затоа што од владата добија субвенции за струја. Граѓаните не ги делат оптимизмот и очекувањата на власта дека ќе има намалување на цената на основните прехранбени производи од 5 до 13 отсто.
 |  Валентина Неловска  | 
леб
леб

Нема намалување на продажната цена на лебот во охридските продавници. Лебот се продава по исти цени иако, од први декември, според најавите од влада, граѓаните требаше да го купуваат по пониски цени. Производителите требаше да ги намалат цените на артиклите затоа што од владата добија субвенции за струја на пазарот со електрична енергија. Но, и по пет дена, производителите основните прехрамбени артикли до трговците не ги нудат по пониска цена, велат од маркетите. Нашите истражувања во поголемите охридски маркети покажаа дека по непроменета цена не се продава само лебот туку и останатите основни прехранбени артикли. Исклучок е само маслото за јадење кое се продава по пониска цена, но од пред 20тина дена.

Министерот за економија, Крешник Бектеши оптимистички најави дека од 1ви декември производителите на прехранбени производи ќе почнат да им нудат на маркетите нови намалени цени, но дека треба да се има предвид и фактот дека маркетите од некои основни производи имаат залихи од претходно.
Бидејќи лебот маркетите го набавуваат на дневна основа ТВМ Телевизија спроведе анкета преку алатка за ангажирање на граѓаните при што побара од нив да одговорат по која цена купуваат леб деновиве.

леб


83,3% од анкетираните одговорија дека нема намалување на цената на лебот кој го купуваат , односно дека цената на лебот и понатаму е иста. А 16,7% одговориле дека купиле леб по повисока цена. Од анкетираните граѓани 88,9% се од Охрид , а останатите од Струга и Вевчани.

Власта најави засилени контроли од страна на Пазарниот инспекторат, а ги повика и граѓаните доколку забележат злоупотреби кај трговците, да ги пријават. 83, 3 од анкетираните знаат каде можат да пријават доколку забележат злоупотреби со цените на производите. Дел од маркетите кои ги контактиравме велат дека го информирале охридското одделение на Државен пазарен инспекторат за состојбите со цените на основните прехрамбени производи. Но, од поддрачното одделение на ДПИ Охрид не успеваме да добиеме информација дали има такви пријави, ниту за направени контроли.

66, 7 % од граѓаните не веруваат дека субвенционираната цена на струјата, од 80 евра за мегават час за производителите од прехранбената индустрија, ќе ги намали цените на голем дел од прехрамбените производи. Тоа што не гледаат намалување кај пекарските производи ги прави песимисти за најавеното поевтинување на млечните и месните производи во тек на следните месеци.