Нема општински пари за кофинансирање на концерти во екот на туристичката сезона
Општината ќе ги поддржува музичките манифестации кои ќе ја продолжуваат сезоната. Од следната година ќе се применува и електронска аукција при издавање термини за одржување концерти на просторот на ЈП „Билјанини извори“.
Повеќе нема пари од буџетот на општината за финансиска поддршка на концерти во екот на туристичката сезона. Охридските советници на последната седница едногласно одлучија повеќе да не се издвојуваат општински пари за кофинансирање на концерти и јавни настани во периодот од 15 јули до 15 август. Вакви музички манифестации редовно се одржуваа во Охрид во шпицот на туристичката сезона, на просторот кај спортската сала „Билјанини Извори” , а не беа во насока на продолжување на туристичката сезона за што се залага општина Охрид, изјави в.д градоначалникот Константин Георгиески на чиј предлог се донесе ваква одлука.
„Општината ќе учествува финансиски, во однос на настани по 15 август и пред 15 јули, надвор од пикот на туристичката сезона, во насока на продолжување на туристичката сезона. Тоа го правиме и сега. Во буџетската програма нас ни се вкалкулирани настаните на асоцијацијата „Сите за спорт“ , „ Охрид трчат“, „ Охридски триатлон“. Тоа се настани надвор од сезоната и ќе продолжиме во таа насока со организирање настани во сферата на алтернативниот туризам и outdoor туризмот за продлжување на сезоната“, посочува Георгиески.
Константин Георгиески в.д градоначалникот најави измени и во досегашниот начин на издавање термини за одржување концерти на просторот на ЈП „Билјанини извори“. Таму функционира принципот прв дојден прв услужен. По Правилник со одлука на Управен одбор на ЈП„ Билјанини извори“ се доделуваат термини за простор за изнајмување за одржување на јавни настапи.
„ Од следната година со одлука на совет ќе се одредува датуми со кои ќе се изнајмува просторот за јавни настапи по пат на електронска аукција. Сите заинтерсирани страни ќе може да аплицираат за закуп на просторот. Ценам дека тоа ќе е потранспарентно, поправично и подостапно за сите заинтерсирани кои би аплицирале за изнајмување на просторот,“ информира Георгиески.
Општина Охрид ќе ги поддржува музичките настани и концерти со навремено планирање на буџетските средства за кои ќе дадат зелено светло советниците. Со процесот на раздолжување на општината ќе има поголем капацитет за да се поддржуваат настани кои на општината ќе и носат финансиски бенефит од продолжување на туристичката сезона.