Нема пари за изградба на стационар за бездомните животни во Југозападниот регион
Стагнира идејата за изградба на стационар за бездомните животни во Југозападниот регион во земјава. Иако уште во 2016 година беше изработена физибилити студија и комплетен проект, седум години подоцна нема најава за изградба, бидејќи нема финансиски средства.
Според планот требаше да се изградат два стационари за хуман третман на бездомните животни за кои се потребни околу еден милион евра.
„Врз основа на таа студија прелдожено бешедва стационари да се изградат едниот во Охрид другиот во Кичево. За тие два стационари ние имаме и идејни проекти изработено, и локациите беа определени во двата градови, но вредноста за изградба на овие стационари изнесува по 500 илјади евра за еден стационар. Значи околу милион евра се потребни за двата”, вели Мирјана Лозаноска, директорка на Центарот за развој на Југозападен регион.
Дополнително сите девет општини во Југозападниот регион ќе треба годишно да издвојуваат средтства за одржување на стационарите.
„ Откако ќе се изградат според проценките потребни се околу 100 илјади евра годишно за нивно одржување на овие стационари, за да функционираат нормално и да ги обавуваат сите функции за коишто се направени. До овој момент немаме обезбедено средства а општините кои ќе ги користат стационарите ќе мора да одвојуваат средства а тоа им е и законска обврска”, додава Лозаноска.
Проблемот со бездомните кучиња се одложува и провлекува со години. Општините немаат иницијатива за регионално решавање, и покрај тоа што од буџетот им се излеваат огромни суми за отштети кон нападнати граѓани.