Нема закон за Планинската спасителна служба
„Предизвиците и современите трендови во планинското спасување во Европа“ е темата на денешната панел дискусија за Планинската спасителна служба. Настанот е организиран во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија и Министерството за Локална самоуправа на Македонија. Домаќини се Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ и Националниот сојуз за планинско спасување.
Се отворија горчливи прашања за функционирањето на Планинската спасителна служба во нашата земја. Работата на планинската спасителна служба не е законски дефинирана. Нејзината функција е споменета во Законот за заштита и спасување во мал дел, но не се третира соодветно волонтерскиот принцип на организирање, кажува Антонио Додески, раководител на планинската спасителна служба. Овластувањата ги црпат од ОО ЦК кои се лимитирани. Современите текови на работа на планинска спасителна служба бараат темелно поставување на законската легислатива за техниките и принципите на работа, вели Додески. Имаме среќа да црпиме искуствата од работата на Хрватската горска спасителна служба, која е најдобра во Европа, напоменува Додески и открива што го прави неефикасен нашиот систем.
„Во моментов, е клучно што планинската спасителна служба во нашата земја не е решена институционално и со легислатива. Немаме закон. За разлика од кај нас, во Хрватска имаат закон за горска служба. Им дава јавни овластувања на волонтерите кои ја работат оваа работа. Имаат и други закони кои по различни можности им даваат да го одржуваат системот на спасување. Државата и локалните самоуправи се активно вклучени со финансирање на активностите и ресурсите“ – вели Додески.
Јосип Граниќ, началник на спасителната горска служба од Хрватска , ги презентираше нивните позитивни искуства. Ние имаме заедничка историја од поранешна Југославија каде што постоела служба за спасување на планина во цела држава. Подготвеноста на спасителите е залудна без поддршка од системот , подвлекува Граниќ.
„Делиме одредени искуства кои постоеа некогаш. Од тогаш ние напредувавме во горското спасување од многу причини. Ќе се обидеме да ги објасниме причините зошто моравме да напредуваме, кои подрачја ги покриваме, а тоа не се однесува на планинарите или алпинистите. Голем дел од туристите и луѓето шетаат по планините, а не се планинари. На присутните ќе им ги пренесеме искуствата и сликата како функционира системот на делување на горската служба“ – вели Граниќ.
На панел дискусијата учествуваа претставници од повеќе институции. Министерството за одбрана го води процесот за реформи во системот за цивилна заштита. Се бараат системски решенија кои ќе им дадат овластување на волонтерите од ПСС за да обезбедат поголема безбедност на граѓаните. Минатата година ПСС интервенирала во 50 случаи во Охрид, а во првите 5 месеци од годинава имала 16 успешни спасителни интервенции.