Неносењето на заштитна маска кај кучињата не е казниво со Закон
Неносењето на заштитна маска кај кучињата не е казниво со Закон .
Климент Арнаудов, охридски активист за заштита на животните и активист во други полиња на општествениот живот, добил барање за поведување прекршочна пријава затоа што го шетал својот миленик без заштитна маска. Арнаудов вложил приговор на Барањето за поведување на прекршочна пријава до Свр Охрид но, приговорот е одбиен и е без соодветно образложение за причините зошто е одбиен, вели Арнаудов. Појаснува дека пријавата од полиција нема основ и е во спротивност со Законот за нарушување на јавниот ред и мир и законската регулатива поврзана со животните, заштитата и благостојбата. Кучето кое Арнаудов го шетал во моментот на изрекување на казната не било агресивно и било носено на поводник. Арнаудов вели, пријавата од страна на полицискиот службеник не е случајна кон него туку е селективна и со намера, со обид да го замолчат. Вели, како активист за заштита на животните, јавно барал од полицијата да се откријат учесниците во организирање на борби со кучиња во регионот и откривање на лицата кои расфрлаат отров за труење на животните.
„Не верувам во случајност и ова е обид да бидам замолчен. Пред неправдата не може да преминам, животните ми значат многу за да молчам и трпам. Моите кучиња не се навикнати на маска, а го нарушувам и член 2 од законот за заштита на животните каде е наведено кучињата да се третираат како свесни битија, да не се изложени на страв, вознемиреност, и ја нарушувам благосостојбата затоа што не се движат на поводник ако им е ставена маската на уста“, вели Арнаудов.
ТВМ Телевизија ја контактираше адвокатката Наталија Радивоевиќ Миленкова да одговори на прашањето дали е казниво неносењето заштитна маска на кучињата. Таа го толкуваше Законот за нарушување на јавниот ред и мир, член 29 и е децидна дека неносењето на заштитна маска кај кучињата не е казниво со Закон. Таа кажува дека во законот е оставено полицискиот службеник во моментот да ја процени ситуацијата дали е кучето агресивно и опасно за околината и дали е носено на поводник од полнолетно лице.
„Сметаме дека често полицијата прави грешни толкувања на Законските одредби. Постои укажување на МВР до полициските станици од 7.8.2014 година кое е доставено и до Здружението за заштита на животните Анима мунди со кое им се укажува на полициските службеници, пред се да делуваат советодавно и превентивно, а да се инсистира на носење на маска, цитрирам „кога кучето е со непредвидлив или агресивен карактер и може да предизвика опасност“. Ова законско толкување е спротивно со она што се случува во пракса и воедно на големите изречени казни по овој член од Законот“, укажува адвокат Наталија Радивоевиќ Миленкова.
Адвокатот Наталија Радивоевиќ Миленкова смета дека Судот и Комсијата за прекршоци на МВР треба да ја имаат предвид намерата на Законодавецот и овој член да го толкуваат согласно укажувањата на МВР, а не со цел да ги казнуваат граѓаните и да го полнат буџетот.