Неопходен е Дом за стари лица
Лицата од третото доба бараат Старечки дом. За достоинствено, квалитетно и активно стареење , во време кога иселувањето на младите е тренд, повозрасната популација се погласно бара дом за нивно згрижување. Пред точно десет години беше најавено дека ќе се гради современ Дом за стари лица во населбата Далјан, но се уште го нема.
Голем дел од старите лица, живеат осамени и на работ на сиромаштијата.
„Најмногу она што сaкaат да го упатат е нeдостигот од Дом за стари лица во Охрид. Оваа потреба е алармантна и знаеме дека секое десетто лице е старо лице, оваа бројка има тенденција на зголемување, во наредниот период ќе биде уште поголема така што мсилам го заслужуваат нашето внимание. Имаме стари лица кои имаат потреба од хуманитарни пакети, во храна, хигиена. Значи живеат на работ на егзистенција и нив ги помагаме преку целата година. Мегутоа опфатени ни се и осамени лица. Знаеме дека во ова време на ислеување старите лица се сами дома и имаат потреба некој да им се јави”, вели Мимоза Ставрева секретар на Црвен крст Охрид.
Расте и бројот на стари лица, кои се оставени сами на себе, имаат потреба и од нега и помош во домот. За нив се ангажираат негуватели од Центарот за нега при Црвениот крст Охрид.
„Во рамки на Црвенит крст работи и Нега центарот до нас се обраќаат за помош, стари лица, бараат негуватели. Негувателите се обучени според верифицирана програма на министерството за образование и ние сме лиценцирани даватели на услугите, на оваа социјална услуга така што верувајте се зголемува бројот на баратели за нега на лица и помош на старите лица во домот” , додава Ставрева.
Дом за стари лица е децениско барање во охридско струшкиот регион. Во целиот Југозападен регион нема ниту еден Дом за стари лица. Пред речиси една деценија струшките пензионери, поддржани од сите пензионерски здруженија во регионот поднесоа иницијатива за изградба на достоинствен Дом за стари лица. Во минатото имало два објекти изградени од ПИОМ за потребите на пензионерите, но наместо да станат старечки домови, денес со нив стопанисуваат приватни лица.
Новинар Соња Рилковска