Skip to main content

Неопходен е сериозен и сеопфатен пристап кон третманот на лицата со аутистичен спектар на нарушувања

Состојбата со аутизмот во Македонија е незадоволителна. Нема адекватни центри за дијагностика, за рехабилитација, нема Национален регистар, ниту Национална стратегија за оваа група на граѓани. Неопходен е сериозен и сеопфатен пристап кон третманот на овие лица, од здравството, образованието, социјалата, со цел да им се овозможи поквалитетен живот.
 |  инфодеск  | 

Неприфаќањето од страна на околината и трнливиот пат до дијагноза се најголемите проблеми на лицата со аутистичен спектар на нарушувања. Покрај справување со секојдневните потешкотии што ги носи самото нарушуавање, најтешка е инклузијата во општеството , вели Валентина Павловска Златановска – мајка на дете со атипичен развој годинава кое годинава е матурант.

„Успеавме после толку години борба и со некоја промена на законите бидејќи до пред 3 години немаше инклузија па децава кои завршуваа во ОУ Климент Охридски не можеа да продолжат во средно образование да се реализираат како луѓе, да бидат понатаму самостојни во животот, да не бидат на товар на родителите или општеството. Наидуваме на потешкотеи како во образованието, неприфаќање на децата и од учениците од класот и од наставниот кадар.“ – изјави Павловска Златановска.

Македонија заостанува во дијагностиката, третманот и рехабилитацијата на децата и лицата со аутистичен спектар на нарушувања. Стручните лица во оваа област велат дека земјава 50-тина години доцни зад САД и најмалку 30-тина години од европските земји. Првенствено е неопходен национален регистар и стратегија и подобрување на едукацијата на здравствените кадри за дијагностика, вели Проф. д-р Владимир Трајковски, врвен стручњак во оваа област во нашата земја. и Претседател на Македонското научно здружение за аутизам.

Искрено се надевам дека новата Влада ќе има повеќе слух и разбирање и ќе направи големи промени. Тие промени се однесуваат не само на здравството туку и на образованието и во рамки на министерството за труд и социјала , значи засегнати се три ресорни министерства пришто секое во својот домен треба да понуди добар квалитет на живот, подобро образование , подобра здравствена заштита и секако кога ќе станат возрасни лицата да имаат сместување, вработување.“ – изјави Проф. д-р Владимир Трајковски.

Аутизмот е состојба која не се лекува и неопходен е посериозен, потемелен, професионален и поемпатичен пристап во третманот на овие лица. Здравството не се справува добро со проблемот, вели дефектологот Александра Сабрас Апостолва која има 18 годишно работно искуство на ова поле.

„Ова е состојба која бара сериозен пристап од страна на сите институции да се вклучат заедно, да се едуцира кадар бидејќи станува се поголем бројот, станува загрижувачки, а сепак овие лица можат да допринесат за самото општество. Исто така, посебни наставни програми за овие деца затоа што имаат потенцијал некои од нив , наместо да искористи тој потенцијал , се уништуваат и се фрустрира целото семејство, бидејќи како пред 18 години родителот треба да оди од едно во друго училиште , да менува средина , сето тоа придонесува самото дете да се повлече уште повеќе во себе . – изјави Александра Сабрас Апостолва – дефектолог ЈЗУ Општа болница Охрид.

Во организација на Македонско научно здружение за аутизам МНЗА, во Охрид се одржа трибина на тема „Aутизмот во Македонија – „лет во место“ или прогрес?“. Пред присутните на јавниот настан, во името на Локалната самоуправа се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Општина Охрид има преземено значајни чекори во насока на подобрување на условите во нашата средина. Даваме поддршка на Центарот за аутизам „Мојот свет”, а исто така обезбедуваме и ангажирање на образовни асистенти во училиштата. Како дел од програмата за образование и социјална заштита обезбедуваме и стипендии за ученици и студенти со посебни потреби и ретки болести, помеѓу кои се опфатени и лицата со аутизам. Се надевам дека оваа поддршка ќе биде уште поголема во иднина.‘ – кажа меѓудругото заменик градоначалникот Божиновски.

Во основата на причинителите на ова нарушување е генетската предиспозиција, а врз тоа се надоврзуваат низа фактори како разни вирусни нарушувања, зрачења, екранизација, хербициди, пестициди, тешки метали во водата, воздухот, сметаат стручните лица. Македонското здружение за аутизам има регистрирано 500 лица со ова нарушување, но оттаму потенцираат дека реалната бројка во земјава е многу поголема и достигнува до 20.000 аутистични лица.