Неплатен долг кон ЕВН ги остави без вода жителите на Долно Лакочереј
Жителите на село Долно Лакочереј, во 21ви век, пет дена останаа без вода за пиење.
Долно Лакочереј, повторно мака-мачи со немањето вода. Овој пат, причината малку поинаква. Пумпите кои ја дистрибуираат водата до домаќинствата од ова охридско село, нешто повеќе од 4 дена, не функционираат. Проблемот се состои во тоа што Месната заедница не го подмирила долгот кон ЕВН, па ЕВН-Македонија, ја исклучиле струјата во водоснабдителниот објект, поради што пумпите останале надвор од функција.
Единствен извор на оваа драгоцена течност им е селската чешма која се наоѓа во близина на црквата.
Стапивме во контакт и со претставници од месната заедница на Долно Лакочереј. Тие не информираа дека проблемот со неподмирените долгови донекаде е решен, бидејќи најголемите должници за потрошена вода веќе подмириле дел од својот долг кон месната заедница, и водните пумпи се ставени во функција.
Потврда добивме и од надлежните во ЕВН-Македонија. Портпаролот на оваа компанија, Атанас Ковачевски, не информираше дека веќе разговарале со претставниците од месната заедница и дека договориле одредена динамика на подмирување на долгот.
Околу прашањето дали има некакви отстапки доколку се работи за објект од витално значење, Ковачевски вели дека доколку тоа е единствениот начин на снабдување со вода, на корисникот му се пуштала електрична енергија во некој оптимален минимум со кој објектот и натаму би можел да функционира, барем во одреден дел од денот.
Од попладнево, жителите на Долно Лакочереј конечно добија вода, и тоа е добро. Но сеуште останува несфатливо како е можно во 21ви век, цели 5 дена, цело село да остане без вода за пиење.
{loadposition content9}