Нерегистрираните станоиздавачи, најголемите непријатели на охридскиот туризам
Од секторот за Туризам и локален економски развој најавуваат зголемен интензитет на инспекцискиот надзор кој планираат да се спроведе во соработка со пазарната инспекција и Секторот за внатрешни работи.
Иако во Охрид постојат околу 2000 регистрирани станоиздавачи, сеуште огромен е бројот на викенд становите, кои што во текот на годината се напуштени, не се одржуваат, но функционираат два или три месеци за време на летната сезона и со тоа стануваат нелегална конкуренција за сите оние кои што регуларно се занимаваат со туристичка дејност. Штетата која од ова ја трпи туризмот како главната стопанска дејност во нашиов град, е огромна.
Во Законот за такса за привремен престој, децидно е наведено дека од плаќање на туристичка такса ослободен е сопственикот на сместувачкиот објект, односно куќа, стан и соби за издавање, неговиот брачен другар, неговите деца, родители, браќа и сестри. Казните за непочитување на законот изнесуваат од 10.000 до 50.000 денари.
Сопствениците на станови во Охрид имаат право на сопственост како и право да ги користат онака како што сакаат. Но, доколку тие ги издаваат своите станови на лица за кои не се ослободени од плаќање туристичка такса, како пријатели, или пријатели на пријателите, е тогаш станува збор за нелегалното експлоатирање на тие станови. Од Секторот за Туризам и Локален економски развој велат дека секој оној којшто ќе сака да го издава сопствениот стан треба да влезе во процесот на категоризација како што се пропишаниоте правилници и норми. Исто така од секторот за ТЛЕР ќе се обидат да ги едуцираат гостите кои престојуваат во тие викенд станови, дека не се пријавени и дека секој било каков настанат проблем во кој се инволвирани повлекува одговорност на секој станоиздавач, меѓутоа дека последиците ќе ги трпи гостинот. Така, секој викенд стан ќе добие информативен леток, во кој ќе се наведени законските регулативи во однос на начинот на издавање на овие викенд станови, без разлика дали некој викенд стан навистина се занимава со оваа дејност, легално или не. Од ТЛЕР најавуваат и зголемен интензитет на инспекцискиот надзор.
„И она што е најбитно, од следната недела обемноста на инспекцискиот надзор, ќе биде неколку пати зголемена. Формирани се тимови и од општинскиот инспекторат, и од секторот за ТЛЕР, и од пазарната инспекција и од СВР. Динамиката на посетувањето на оние локации кои се посочени како црни точки и оние кои се потенцијални чинители на вакви прекршоци на законот за туристичко работење, ќе бидат санкционирани овој пат со оглед дека веќе имаме предвидено динамика и модалитет како треба да се постапува на терен“, вели Ѓоко Апостолоски -раководител на секторот за ТЛЕР-Општина Охрид.
Да се надеваме дека со овие најавени активности барем малку ќе успее да се намалат милионските загуби, кои секоја година ги трпат Буџетите на Општина Охрид и на државата, а туризмот како носечка стопанска дејност од која живеат голем број охриѓани ќе почне да ја добива својата вистинска форма.
{loadposition content9}