Skip to main content

Нешто повеќе од една милијарда денари тежи буџетот на Општина Охрид за нареднава година

Нешто повеќе од една милијарда денари тежи буџетот на Општина Охрид за нареднава година. Експертите очекуваат дека ваквиот буџет треба околу 90% да биде реализиран и во најголем дел да бидат задоволени потребите на граѓаните.

 |  Јаковлева Лионела  | 

1 007 597 123 денари е буџетот на Општина Охрид за 2018та. Ова денес го изгласаа советниците на последната седница за оваа година. Овој буџет е за околу 50 милиони денари помал од ланскиот. Експертите очекуваат дека ваквиот буџет треба околу 90% да биде реализиран и во најголем дел да бидат задоволени потребите на граѓаните. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ која уште пред две недели најави дека ќе го бојкотира советот поради притворањето на пратениците кои се членови на оваа партија денес се појавија на седница, но само за да искажат несогласување со проекцијата на буџетот посебно потенцирајќи дека во делот на туризмот во голема мера се намалени средствата за нареднава

Буџетот кој денес ќе се донесе ќе биде уште еден доказ за лицемерието на СДСМ и доказ за фактот дека едно зборуваат во предизборна кампања, а сопсема друго прават кога се на власт. Да ве потсетам дека кога зборувавте за туризмот силно се биевте в гради, а денес кога треба да вложите во туризмот го кратите сето добро што постоеше, рече Лидија Петкоска, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Градоначалникот Јован Стојаноски демантираше дека има намалување на буџетот во ставките за туризам и објасна за што точно станува збор.

Не е точен податокот дека буџетот на општина Охрид со предвидувањето на годишниот план за оваа година ќе ги намали средствата во туризмот, ниту пак е точно дека средствата за од едни ставки се прераспределуваат за нови вработувања. Значи сите вработувања кои ќе бидат реализирани не се нови туку ќе им биде решен статусот на оние кои и досега биле во општинската администрација, вели градоначалникот Јован Стојаноски.

Инаку, без некои поголеми дискусии беа изгласани и останатите четириесеттина точки од дневниот ред на петтата седница на совет. Беа прифатени предложените одлуки за усвојување на развојните програми за 2018 година. Беа прифатени и одлуките за тековно работење на ЈП како и измените на програмата за режимот на сообраќај во делови на општина Охрид.