Несовесни возачи ги игнорираат сирените на амбулантните возила на итната медицинска помош
Многу често несовесни возачи ги игнорираат сирените на амбулантните возила на итната медицинска помош. Не даваат предност на возилата и ги попречуваат медицинските екипи и возачите на амбулантните коли да интервенираат брзо. Дополнително амбулантните возила имаат сериозен проблем со уште понесовесни возачи кои непрописно се паркираат пред ургентниот центар.
Амбулантните возила на брза помош на охридските улици се соочуваат со игнорантски однос на возачите на моторни возила. Многу честа е појавата возачите да не реагираат и да не дадат предност на возилата иако имаат вклучена сирена, напоменува д-р Ана Неделкоска , раководител на Брза помош.
„Возачите ги замолувам , и сега и друг пат сме апелирале да внимаваат на улиците кога ќе ги слушнат сирените и ќе ги видат ротационите светла. Доколку има можност да направат простор да помине брзата помош. Сирена и ротација вклучуваме само во најитни случаи. Одиме и на други повици без сирена бидејќи се вознемируваме и ние и граѓаните“, предупредува Неделкоска.
Дополнително амбулантните возила имаат сериозен проблем со уште понесовесни возачи кои непрописно паркираат возила пред ургентниот центар, посочува д-р Неделкоска. Се судруваме со проблем и дење и ноќе со возачи кои несовесно паркираат . Во моменти кога минути одлучуваат за нечиј живот или смрт амбулантното возило е блокирано на паркингот. Поставени се сообраќајни знаци , но не се почитуваат. Апелира возачите да внимаваат како и каде се паркираат .
„Возачите не внимаваат како паркираат дали пристапот на возилата за влез и излез е загрозен или не. Често имаме проблем. Реагира и полицијата, а викаме и шлеп служба“, вели д-р Неделкоска.
Паркингот кој се наоѓа пред ургентниот центар е единствениот градски бесплатен простор. Дел од пркингот е на општината , а дел на приватни сопственици.