Skip to main content

Практични примери на терен

Невладините го кренаа гласот против непочитувањето на препораките на УНЕСКО

Невладините од Охрид го кренаа гласот. Со посети на терен, преку практични примери, ќе посочуваат каде не се почитуваат препораките на УНЕСКО. Денес обвинија за непочитување на препораките при изградба на станбен објект за колективно домување на улицата „Јане Сандански”. Велат, се гради на поголема површина од дозволените 50% од градежното земјиште. Од општина Охрид најавија дека утре ќе се произнесат со официјален став во однос на обвинувањата.
 |  инфодеск  | 
Зграда на ул. Јане Сандански

Неколку невладини организации од Охрид со серија посети на терен преку практични примери ќе посочуваат каде не се почитуваат препораките на Унеско. Според активистите најголемиот проблем е претераната урбанизација, преку која заради лични и биснис интереси со години се деградира градот.

Обвинуваат дека локалната и централната власт ништо не преземаат за заштита на културното и природното наследство. Се градат висококатници, кои ја надминуваат дозволената градежна површина од земјиштето.

Зграда на ул. Јане Сандански

Секторот за урбанизам тука ги злоупотребува своите позиции односно одредени лица ги злоупотребуваат своите позиции се со цел да дојдат до некој профит, преку изградбата на тие станови. Тоа го има детектирано и владиното тело во Статегијата, која што ќе ја испрати до Унеско за да каже дека нешто е преземено, а всушност ништо не е преземено на лице место, напротив уште повеќе е влошена ситуацијата. Уште повеќе имаме изградени диви објекти и понатака се продолжува со градење на висококатници во централното градско подрачје или објекти во НП – вели Никола Киселинов Боздоганов од Здружението „Билјана” член на Унеско.

Никола Киселинов

Денес посочија на непочитување на препораките при изградба на станбен објект за колективно домување на улицата „Јане Сандански”. Жителите на месната заедница направија и петиција, обвинуваат за изградба на габаритен објект со кој се нарушува статиката на околните куќи.

Најголемиот проблем е тоа што ќе се наруши мојата статика, а јас се консултирав со статичари со тројца и тие знаат. Тие ми рекоа дека со сигурност ќе се наруши статиката на мојата куќа која е 70 см до темелите на зградата, а газдата не сака да одговара за мојата куќа, ни случајно. Повеќе пати разговаравме, не потпишува да гарантира за статиката на мојата куќа која може да се искриви или преврти – вели Борче Гаврилоски, сосед, член на МЗ.

Зграда на ул. Јане Сандански

Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион е на сила од  јануари 2020 година, а дозвола за градба на конкретниот објект е дадена во ноември истата година. Факт кој според активистите докажува дека не се почитуваат препораките.

Невладините најавија дека и натаму ќе ја информираат јавноста за непочитувањето на препораките преку примери во Националниот парк Галичица, но и во Стариот дел на Охрид.

Од општина Охрид најавија дека утре ќе се произнесат со официјален став во однос на обвинувањата.

Зграда на ул. Јане Сандански

Новинар : Соња Рилковска