Невообичаени камени скулптури на плажата во Извиднички
Оваа интересна инсталација последниве денови ја разбуди љубопитноста на охриѓани, но и туристите сместени во извидничкиот камп.
Несекојдневно уметничко дело на плажата во извидничкиот камп. Деновиве охриѓани, и туристите кои се сместени во кампот, можат да уживаат и да се восхитуваат на една невообичаена глетка.
Безброј камења, во различни големини и форми, наредени еден врз друг балансираат на брегот од езерото. Кога нашиот објектив ја улови оваа несекојдневна слика, најпрво помисливме дека овие скулптури се направени со лепење на камењата или дека се тие зацврстени на некој начин. Но на лице место се уверивме дека не е така, камењата едноставно се поставени еден врз друг, врзани единствено со силата на гравитацијата која ги влече надолу, но врзани и со уметничката идеја на авторот.
Во извидничкиот камп не информираа дека автор на ова уметничко дело е Томе Спасеновски, човек кој повеќе од 30 години живее и работи во Германија, а е родум од Куманово. На прв поглед, кога ќе дојдете во контакт со ова уметничко дело, тоа неизбежно ве потсетува на едно друго уметничко дело, но дело кое е формирано од природата. Малите скулптури од камен, недвосмислено потсетуваат на легендарните камени формации во селото Куклица во близина на Кратово. Сепак безразлика на што ве потсетуваат, и на што ви личат овие скулптури, едно е јасно, дека тие се во служба на уметноста и единствено на уметноста.
Затоа ако патот деновиве ве поведе накај Извиднички, прашајте за овие скулптури, навистина вреди да се видат.
{loadposition content9}