Skip to main content

Вработување

Невообичаени појави на пазарот на труд

Се откажуваат грантови за отворање на сопствен бизнис. Невработени лица ја напуштаат обуката кај работодавачите за што државата дава субвенции.
 |  Валентина Неловска  | 
Агенција за вработување

Охридскиот пазар на труд се соочува со невообичаена појава. Од охридската Агенцијата за вработување информираат за уникатна појава при доделени грантови за започнување на сопствен бизнис. Се среќаваме со откажување на грантовитe, информира Елвадина Дика, директорка на Агенцијата.

„Не може да објасниме на што се должи таа појава. Невработените кои сакаат да отпочнат сопствен бизнис немаат желба да соработуваат со економските консултанти кои треба да им помогнат во бизнис планот. Тие како да очекуваат само да зграпчат нешто“, вели директорката Агенцијата.

Во тој период немаат трпение да се изработи бизнис план, иако него го изработуваат економски консултанти. Бараат да се откажат. Мислат дека ако конкурираат веднаш ќе ги земат средствата, но тоа е фаза и треба да се изработи бизнис план. Во тој период се откажуваат лицата кои се на позитивната листа за добивање грантови. Зошто да не одат понатака?! – вели Дика.

Не се прекинуваат само грантовите за развој на бизнис туку се откажуваат и обуките кај работодавачите.

Се прекинува субвенционирањето на плати и финансиската поддршка за фирмите кои вработуваат невработени лица и ги обучуваат во потребната струка. Сега имаме појави кога си заминуваат работниците од работа.

Не може да кажеме кој е во право работодавачите или небработените лица. Постои нетрпеливост една краткорочна ориентација или планирање од денес за утре. Не размислуваат подолгорочно за понатака. Од двете страни се откажуваат – подвлекува Дика.

Невработените лица со прекин на обуките за одредена струка или преквалификација ја губат можноста за здобивање со сертификат признат од МОН и кој ќе ја зголеми нивната вработливот на пазарот на труд. Грантовите пак, за самовработување, од активните мерки на Агенцијата за вработување, се во висина од 5000 евра за ДООЕЛ и 10.000 евра за ДОО.